Тргнавме од Охрид. Град покрај Охридското Eзеро што го нарекуваат „град на светлината“, а според легендите, во минатото имал 365 цркви. Ја оставивме сончевата светлина и сите приказни во заспаниот град, зад нас.

Движејќи се кон македонско – албанската граница, поминавме низ Струга и пристигнавме во Лин, првата локација предвидена за посета на албанска територија. Светол сончев ден нè пречека и во ова погранично село.

Жителите кои ги пресретнавме по тесните улички, полузаспани на утринското сонце започнуваа со одживување на новиот ден покрај Охридското Eзеро. Населението на ова село е со мешан религиски состав – муслимани и православни христијани кои до почетокот на XX век зборувале на македонски јазик, но со текот на времето јазикот се изгубил, па ретко кој од денешното поколение зборува македонски. На патот кон православната црква во селото сретнавме деца, отворени продавничиња за прехрана, приспособени кон потребите и условите за живот во ова населено место. Будно следени од љубопитните очи на мештаните, пристигнавме во црквата „Cв.Варвара“, која била изградена во посткомунистичкиот период. Таму нè пречека епитропот Наум Бицо, средовечен човек, кој ни посака добредојде во црквата, но поради јазичната бариера, тешко се разбиравме, па затоа уживавме во убавината која ни ја нудеше внатрешноста на црквата. Каков спој на убавина, духовност и мир ! Жителите на ова погранично место веројатно се многу среќни што секогаш можат да уживаат во природната убавина што плени или да си ги исполнат срцата со духовен мир. Нашиот домаќин на испраќање ни посака повторно да дојдеме.

Го оставивме Лин со сиот свој примитивен раскош, со жителите кои му се радуваат на секој сончев зрак, со рибарите во езерото кои испишуваат уште една приказна во книгата наречена живот, и се упативме кон Поградец. Град опсипан со сончева светлина во езерските води, исто толку голем колку и Охрид по бројност на населението, а кој за разлика од Охрид има Градски парк. Отидовме таму. Се наоѓа покрај езерото, нуди мир и со сета своја убавина од боите на природата, примамува да седнеш на некоја од клупите за одмор и да уживаш во атмосферата што ја раздвижуваат како посетителите во паркот така и птиците кои се наоѓаат во крошните од дрвјата. А под дрвјата, во уредно направени места за седење, со покриени дрвени маси и клупи, својата животна приказна за тој ден ја одживуваат и пензионерите низ партија домино.

Доживувањето во овој град немаше да биде целосно доколку и ние не го почувствувавме ритамот на тамошното секојдневие, па затоа се решивме да седнеме на кафе покрај езерото и да го вдишиме мирисот на езерската шир пред нас. Восхитени од природата, од вообичаените активности на жителите на овој град, го оставивме зад нас, меморирајќи го секој своето доживување во дамарите на душата. Оставајќи го Поградец со своите секојдневни активности под планината Мокра, се упативме кон Корча.

Патот кон нашата наредна дестинација е стрмен, кривулест и широк. Корча се наоѓа во подножјето на планината Морава, а населението градот го именувало според тоа што тој се формирал во подножјето на планината, под Гората, па оттаму Горица и според грчкото влијание тука, Кòрица, а останала скратената албанизирана форма Корча.

Како споменик на културата зачуван е објектот на првото училиште отворено на албански јазик од 1887 година, бидејќи дотогаш се учело само на грчки јазик. Широкото и долго шеталиште привлекува внимание, погледи и размислувања за животот овде. Од едната страна се наоѓаат објекти со зачувана архитектура од почетокот на XX век, во неокласичен стил, а од другата страна на шеталиштето се зградите во комунистички стил. На крајот од шеталиштето се наоѓа плоштад, а таму фонтаната со споменикот на ослободителите. Веднаш зад оваа фонтана, на Булеварот „Св.Ѓорѓи“, може да се посети црквата „Св. Воскресение“, изградена во поново време. Денот е недела. Ден кога христијаните одат в црква. Така беше и во Корча. Жителите на овој град го живеат својот секојдневен живот заглавен помеѓу стегите на минатото, реалноста и желбата за подобар живот. Како верници, а повеќе како љубопитни туѓинци влеговме во црквата. Внатрешната раскошност од резби и фрески напишани на грчки и на албански јазик ги мами воздишките и сетилата одново меморирано со зборови и фото – апарати.

Се упативме кон стариот дел на градот. Калд’рмата по улиците и тротоарите е карактеристичен белег на овој дел од градот. Улиците се чисти, а ѓубрето, жителите го чуваат високо закачено на бандерите, далеку од шепите на кучињата скитници, а достапно за луѓето кои го собираат, ѓубреџиите. Патоказите и уличните кучиња се единствените наши домаќини по улиците, бидејќи повеќето од жителите се на работа во странство. Движејќи се по сокаците без возила, ги забележавме куќите, новоизградени, но кои не отскокнуваат по својот изглед од останатата архитектура на градот. Бојата на фасадите на куќите е во согласност со опкружувањето и со топлите бои на природата. Единствено нешто што отскокнува од современото уредување се високите порти со кои е оградена секоја куќа. Ваквиот затворен начин на живеење е остаток од анархијата, колапсот на Албанија во 1997 година што ја втурна државата во хаосот на безвластието и насилството. Вистинската убавина на овој град ја надополнува погледот кон снегот на планината и сонцето меѓу улиците. Тоа е Корча !

Задоволни и исполнети од она што го видовме и почувствувавме во овој град, влеговме во нашето возило и се упативме кон нашата наредна дестинација.

Преку опуштени разговори, несебично исполнети со знаење и мудрост, се спуштавме кон Пустец, Долна Преспа. Пред нас островот „Мал град“, а зад нас Сува Гора. При слегувањето во Пустец имавме можност да го видиме и фотографираме овој остров кој се наоѓа во Преспанското езеро, осамен во водата, опкружен со сува Гора која е дел од Галичица. Планината Галичица има развиен релјеф со длабоки долови и стрмни падини кон двете езера. Од Пустец може најцелосно, најубаво и во целата нејзина раскош да се види планината Галичица со снежните врвови. Невообичаена и несекојдневна глетка кон оваа убавица, вдолж претставена со нејзините карактеристики, срамежливо задскриена зад неколкуте бели облачиња. 

Топонимите во овој дел од Албанија се со македонско потекло, но имињата на институциите носат двојазичен белег. Во Пустец ја видовме и прошетавме по улицата „Македонска“.

Дивата, недопрена природа го краси овој дел од крајбрежјето. Овде сè како да е дел од некоја бајка, во која природата е како насликана. Небото е пресликано во езерските води, а единствена граница помеѓу нив се бранчињата и звукот на птиците кои го надлетуваат водното пространство. Се прошетавме по селото. Жителите овде ја живеат својата реалност во малите трошни куќички, со овците и козите, петлите и кокошките. И тука некаде, во карпите ја видовме и црквичката посветена на св.Атанасиј – прекрасно вклопување во целосната слика за селскиот живот овде.

Сакајќи да одмориме малку и да ги средиме своите впечатоци, влеговме во единственото отворено ресторанче во овој дел од годината во Пустец. Примитивно уредено, но топло и гостопримливо внатре нè пречека Ставре, домаќинот што нè почести со пијалок. Нему му ги оставивме неколкуте книги на македонски јазик и го задолживме да ги предаде во единственото училиште и општината, а беа подарени со единствена цел – нашинците во Пустец да си го зачуваат мајчиниот јазик.

Исполнети со восхит и задоволство од убаво поминатиот ден, заминавме, а зад нас ја оставивме недопрената природа и денот што полека гаснеше.
Пред нас е островот „Голем град“, а позади нас селото Пустец. Значи, се враќаме кон Македонија. Граничниот премин „Горица“ го поминавме со помали формалности, без пречки од двете страни и се упативме кон селото Стење со единствена замисла: Вистинско ли ќе биде ова патување околу двете езера покрај Галичица доколку не пробаме риба ! Па така и направивме.

По убаво завршената екскурзија убаво се нагостивме со крап, кој нè го подготвија во ресторанот во с.Стење. Тоа нè беше и последната станица пред да се вратиме во Охрид и да го заокружиме нашето патување низ природата која измамува поглед за фотографирање, како да може небаре да се зачува сета нејзина живост, сè она што го видовме, само во стотина фотографии. Најсоодветен начин за да се почувствува повикот на природата е да се посети овој дел околу Охридското и Преспанското езеро. Животот околу нив сè уште пулсира во ритамот на недопрената убавина.

М-р Лидија Размоска