Златните зраци на сонцето го заплискуваат морето од лозови насади распослани под падините на Огражден. Ова плодно парче земја дарувано од боговите раѓа квалитетно грозје од кое се произведува врвно македонско вино кое се служи на трпезите дури во далечната Кина. Но, како стигнува до таму?

Во долината на реката Струмешница, во Струмичко-Радовишкиот вински регион, југоисточна Македонија, на околу 410 хектари сопствени лозови насади, винаријата „Далвина“, втора по големина во земјава, одгледува сортно грозје од кое во строго контролирани услови низ високо технолошки процес се произведува вино со препознатливиот квалитет кое над 70 отсто се пласира во странство низ петнаесеттина држави, најмногу во Кина и Хрватска, во соседна Бугарија, Австралија и други.

Лозовите насади се на надморска височина од 280 метри. Медитеранската клима која владее тука создава идеални услови. Со околу 210 сончеви денови, температура од 20.2°C во периодот на вегетација, ниска атмосферска влажност и не многу врнежи преку целата година, на лозовите плантажи на „Далвина“ се раѓаат здрави гроздови кои се основа за производство на добро вино.

 

Целта ни е да стигнеме до 500 хектари со лозови насади, со што ќе ги задоволиме потребите на нашите производствени капацитети. Моментално не откупуваме грозје, освен мал дел на шардоне и траминец во мали колични за дополнување на нашите залихи. Процесот на производство е целосно автоматизиран и строго контролиран. Се што е добар квалитет од грозјето во берба се сортира, лошите зрна отпаѓаат, бидејќи квалитетно вино може да се произведе само од квалитетно грозје, вели Зоран Пеев, енолог и директор во винарија „Далвина“.

Процесот на производство на виното внимателно се следи. Температурата се контролира компјутерски во зависност од видот на виното, во цистерни кои се опремени со системи за греење и ладење кои имаат свој, независен режим на работа.

Кај црвеното вино максималната температура е 26 степени, а белото, кај кое температурата е поригорозна, се лади и до 7-8 степени, а се со цел да се зачуваат сите природни аромати во виното, појаснува Пеев.

Покрај класични, „Далвина“ произведува и пенливи вина. Овој вид вино се прави со посебна постапка, а најпознати се италијанското просеко и францускиот шампањ.

Квалитетно пенливо вино ферментира три години и содржи талог кој всушност е вински квасец кој со посебна процедура се вади од него, истакнува енологот Пеев.

Првата берба направена е во 2008 година. Оттогаш „Далвина“ годишно произведива по 3,4 милиони милиони литро вино годишно и дополнително има околу 7 милиони литри на залиха.

Ексклузивен дистрибутер на вината на „Далвина“ кај нас е охридската компанија „Пе Логистик“ која неодамна организираше прекрасна винска тура. Група охриѓани имаа можност одбилску да се запознаат со процесот на одгледување квалитетно грозје и производство на вината на „Далвина“ кои со својот квалитет далеку ги надминува границите на Македонија.

Г. Момироски