Вевчани е познато во светот по четиринаесет векови стариот вевчански карневал кој традиционално се одржува секоја година на Василица. Во поновата историја Вевчани стана познато и по битката за водата од Вевчанските извори. Во тој период вевчанци пркосејќи и на централната власт прогласија и независна како што велат „держава Вевчани“ а воведоа и сопствена парична единица-личник. Кога еднаш ќе дојдете во Вевчани веднаш ќе сфатите зошто вевчанци толку грчевито се бореа за своите извори.Вевчанските извори се прогласени за споменик на природата, а целиот комплекс е прекрасно уреден со патеки, мовчиња и соодветно осветлување.
Секојдневно комплексот го посетуваат многубројни туристи,а водата од изворите потоа тече низ целото село донесувајќи свежина и придонесува за бујната вегетација во селото и околината. Поминувајќи, забележавме стара воденица во која на традиционален начин се меле брашно и која претставува вистинска атракција.
Специјалитетите кои се подготвуваат од ова брашно како кашаник, зелник, проја и друго можете да ги пробате во некој од неколкуте амбиентални ресторани во Вевчани, а ако сакате да останете подолго можете да престојувате во некои од пансионите адаптирани во селските куќи.
Целиот овој спој на природни убавини, култура и традиција секојдневно привлекува се повеќе туристи, а во овој период во селото доаѓаат и неговите жители кои привремено живеат во странство. Тие со силни нишки се врзани за своето село, и ако не повеќе, барем еднаш годишно, на Василица сите се собираат во Вевчани.