Тирана се наоѓа во средишниот дел на Албанија со популација од околу 600 000 жители. Градот кој е основан од Сулејман-паша во 1614-та година, во 1920-та официјално постанува главна метропола на оваа земја. Денешна Тирана претставува политички, економски, културен и универзитетски центар на Албанија, со соодветна инфраструктура и поврзување, бројни културно-историски споменици, сместувачки капацитети, високо-образовни институции и музеи, дискотеки и барови, како и голем број на дипломатски претставништа од другите земји.
Како главен административен центар во земјата, Тирана е соодветно поврзана не само со своите соседи, туку и со земјите од Европската унија. Од интернационалниот аеродром „Мајка Тереза“ кој се наоѓа на 15км од градот, секојдневно сообраќајат бројни авио-линии кон Минхен, Лондон, Франкфурт, Атина, Рим, Истанбул, Виена и останатите европски метрополи. Преку пристаништето во Драч кое е на само 36-км оддалеченост, Тирана преку морски пат се поврзува со италијанските градови Триесте, Џенова, Бари и Анкона, хрватските Задар и Дубровник, словенечкиот Копер, црногорскиот Бар и грчкиот остров Крф.
Во срцето на Тирана се наоѓа православната црква „Воскресение Христово“ која е изградена во 1865-та година. Во 2011-та истата е обновена по нејзиното затворање во 1967-ма за време на режимот на Енвер Хоџа. Покрај овој верски објект, во строгиот тирански центар се наоѓа и Етхем-беговата џамија која датира од османлискиот период во 1789-та година.
Споменик подигнат во чест на „Скендербег“ е поставен на истоимениот плоштад во 1968-ма година, а покрај него денес се наоѓаат бројни објекти меѓу кои Националниот музеј по Историја, Центарот за култура, Националната опера и Народната банка на Албанија. На 28-ми ноември 2012-та, по повод 100-годишнината од основањето на албанската држава, во паркот „Ринија“ е поставен споменик на незавиноста.
На само неколку метри од паркот Ринија се наоѓа трговски центар исполнет со бројни кафичи, барови, ресторани, бутици и објекти кои нудат најразлични продукти и услуги. Популарниот „Тхе Бллоку“ е место кое во минатото претставувало резиденција на поранешниот албански диктатор Енвер Хоџа, додека денес означува спој на многу генерации. На оваа локација се наоѓаат најголемиот број дискотеки, ноќни клубови, пивници и стриптиз барови кои работат до раните утрински часови во главниот град на Албанија.
Иако Тирана не е приморски град, сепак блискоста со Драч може да се осети по вкусната храна која се нуди во рестораните. Цените на угостителските услуги се прилично ефтини за нашите стандарди, а морските специјалитети се достапни за сечиј џеб.
Покрај бројните кружни токови кои се дел од реформите на поранешниот градоначалник Еди Рама, на почетокот од 2000-та година во Тирана се изградени и обновени доста улици не само во центарот на градот, туку и во неговите периферни делови.
О.Т.