Во охридскиот крај има многу прекрасни места за кои знаат релативно малку луѓе. Едно такво е и Скребатно. До селото се доаѓа по патот кој минува низ селото Лескоец, а потоа продолжува низ планината поминувајќи низ прекрасен крајолик. Покрај патот кој минува крај река ќе видите прекрасни водопади и слапови. Ќе видите и варници каде локалното население на традиционален начин произведува вар.


прекрасен крајолик и автентични занаети

По околу девет километри возење од Лескоец се доаѓа до селото Скребатно. Од некогашното село останати се напуштени куќи, а само мал дел се обновени и таму сега живеат само неколку жители.Најголемиот дел од жителите се преселени во Лескоец.


Најголемиот број куќи во Скребатно се напуштени

Над селото се наоѓа црквата „Успение на Пресвета Богородица“. Околу црквата уредено е прекрасно излетничко место кое како и црквата изградено е со донации и доброволна работа на вредните скребаштани кои не го заборавиле своето родно место. Напротив, тие секој викенд доаѓаат и го чистат просторот, градат, поправаат.


Црквата Успение на Пресвета Богородица

Самото место изобилува со вода, многубројни изворчиња, потоци и реки. Сето тоа убаво е средено, направена е чешма и базени кои се порибени со охридска пастрмка. Околу се поставени маси и клупи, изѕидани фурни каде можете да испечете скара или да направите ѓомлезе.


водата во Скребатно ја има во изобилство


во базените охридска пастрмка

сач за ѓомлезе или клен како во случајов

Посебно внимание е посветено на хигиената, па на секој чекор има поставено корпи за отпадоци и натписи да се чува околината.


излетничкото место е беспрекорно уредено

Со црквата и целиот комплекс управува црковен одбор избран од селаните. Црковниот одбор посебно е ангажиран за празникот на црквата кој е на 28 август на денот на Голема Богородица. Тогаш луѓе од сите краишта го посетуваат ова место, доаѓаат и со шатори да преспијат. За овој ден се организира голема општонародна веселба, се колат јагниња, се дава ручек за сите посетители. Но и по празникот ова место продолжува да живее  сред недопрената природа за да одново биде откриено од некои нови посетители.


спортски терени

недопрена убавина

Јасминка Т. Момироска