Реонот на Дебрца во плиоценот бил заезерен, а во подоцнежните периоди тие езера се исушиле, покажале истражувањата на Македонското лимнолошко друштво  кое неодамна ги заврши испитувањата на мочурливите терени во овој реон.


недопрена природа

Еден од последните  остатоци на некогашните езера во Дебрца е блатото кај Белчишта познато како  „Сини вирови“. Сместен во недопрена природа овој локалитет крие многу тајни за животот на планетата од пред многу милиони години. „Сини вирови“ е природен раритет во кој се среќаваат ендемички видови флора и фауна, вели лимнологот Трајче Талески. Според него доколку се направат детални истражувања во овој регион голема е веројатноста дека би можело да се откријат и фосилни остатоци од плиоценски период. „Тоа укажува дека оваа територија е мошне значајна и треба да се преземат мерки за заштита на овој локалитет, а по соодветните  научни истражувања овој природен резервоар да се прогласи за заштитена зона“, додава Талески.


Белчишкото блато

Проектот на лимнолозите го подржа Министерството за животна средина и просторно планирање.

„Мочуриштата се последните природни филтри на вода кои што ги имаме на територијата на Македонија и државата треба да застане во нивна заштита, поради што финансиски го подржавме овој проект“, истакна државниот секретар во Министерството за животна средина Дејан Паноски.

Сини вирови изобилуваат со вода која извира од повеќе страни што само ја надополнува прекрасната глетка во неповторливата природа. Белчишкото блато сместено на неполни три километри од магистралниот пат Охрид – Скопје по завршување на потребните научни истражувања и соодветната заштита несомнено треба да биде вметнато во туристичката карта на Охрид и Македонија. Убавината со која располага ова мистично парче природа просто воодушевува, а фактот што за него многу малку се знае говори за неоткриените богатства со кои располага Македонија.


Сини вирови треба да бидат заштитена туристичка дестинација

Горан Момироски