Во срцето на Далмација на само 16 километри оддалеченост од Сплит, во водите на Јадранот се наоѓа островот Шолта. Иако за многумина се уште непознат и во сенка на неговиот западен сосед Брач, Шолта надалеку е прочуена по својата автентична природа, флора, фауна и ред други работи со кои се издвојува од многуте острови на јадранското крајбрежје. Составен од осум населени места, со единствено пристаниште во Рогач, од Шолта секојдневно поаѓаат траeктите за Сплит.

За време на војната во 90-тите години, островот произведувал 40 отсто од севкупната потреба на пченица и пченка наменета за Сплит и околна Далмација. Изобилува со високо-квалитетни лозови насади Добричич, од кои се произведува автентично вино наменето за европските пазари. Тука се и тоните маслинов зејтин, смокви, калинки, зеленчук, ореви, а уникатната природа и земја дозволуваат два пати годишно род на компири. Морето е пребогато со риба, а Шолта е единствен остров на кој што не е забележана отровна змија или грабливец.

Но овој остров не би бил ништо посебно, доколку не би постоела Рина. За „Далматинци“, позната уште како „жената-змеј“. Од обичен физички работник, рибар, земјоделец, таксист, па се до угостител, хотелиер, менаџер, градоначалник и најуспешна бизнис жена во последните години во овој дел на Хрватска. Повеќе од 40 години издигнувајќи го митот дека претставниците на ниската работничка класа, и тоа како можат со истрајност и макотрпна работа, да успеат во едено социјалистичко, односно капиталистичко општествено уредување.

Родени сме тука во Стоморска, а главно занимавање на нашата фамилија беше рибарство. Мојот татко беше одличен рибар, но се занимаваше и со трговија како би можел да не прехрани нас и нашата мајка. Со еден мал брод, од уловот можеше да се заработи по две плати во денот.  Во 55-та година, четворица членови од нашето семејство го напуштија островот во потрага по подобра  егзистенција. Ние останатите, во 64-та започнавме со одгледување на околу 7000 лозови насади и 500 маслинови. Во исто време бев и физикалец и рибар. Се занимававме и со сточарство, одгледувајќи свињи и кокошки, но сето тоа беше неиздрлживо. Од 67-ма па се во наредните 25 години, работев како такси возач.“ – ја започнува својата приказна Рина Калебич.

Во 1974-та, од мала карпа, Калебич успева да изгради свој дом на островот. Проширувајќи го имањето од кат на кат, во наредните 20 години паралелно се впушта во авантурата наречена туризам.

Со една мала куќа, се впуштивме во туристичкиот сектор. Но вистински проблем претставуваа патиштата и електричната енергија, која на островот беше поставена дури во доцните 50-ти години. Работев и дење и ноќе. Со камиони, превезувавме градежен материјал со кој ја подобривме целата инфраструктура. Изградив дуќани и апартмани, а во сите тие години успеав да вработам околу 50 луѓе. Отворив пекара и ресторан, а потоа со помош на механизација започнавме соодветно да ја уредуваме Шолта. Се проширивме доста, за на крај да дојдам до тие 40-тина апартмани кои ги изнајмувам. За време на летото, кафичите работеа со полна пареа, но во сите тие 20 години макотрпна работа, време за сон имав само по неколку часа во денот. Во моментов стигнавме до бројката од 140 лежаа наменети за туристите.“ – додава Калебич.

Клучот за успех во две различни општествени уредувања, Калебич го гледа во макотрпната работа. Зад нејзиното портфолио се кријат бројни награди, признанија и дипломи за најуспешна жена во околината на Далмација.

Животот на островот беше многу тежок, а 70 отсто од населението истиот го напуштија. Така сторија и моите браќа, со кои во минатото се гледавме еднаш на 20 години. Не постоеше ниту телефон, ниту некаков начин за контакт. Во еден момент, одлучив дека мора да се искорене таа сиромаштија. По многу размислување, решив дека  треба сама да се борам со овој систем. Направив се, за моите синови да не ја напуштат Шолта. На крајот, сепак и успеав. Им изградив домови, а сето тоа не било залудно. Во 90-тите години, односно за време на војната, се одвоивме од Сплит како посебен остров со сопствена администрација. Четири години ја извршував функцијата градоначалник, а потоа одреден период бев и заменик. Имавме визија и идеи, како овој неразвиен остров би го издигнале на едно повисоко ниво.“ – истакнува Калебич.

За Шолта, нашиот соговорник вели дека е срцето на Далмација, кое во идниот период мора брзо да се развие и поврзе со остатокот од целокупното хрватско приморје.

Од 1100 жители, околу 500-тини имаат над 70 години. Младите бегаат, а тоа е тешко за секој родител и жител на островот. Во 1984-та година ја донесов првата крава на Шолта, која беше вистинска атракција. Тоа го направив како би можела да имам струја на ранчот, бидејќи приклучок добиваа само оние кои се производители. Во моментов, струјата повторно претставува проблем во делови на островот, а малата трафостаница не ги задоволува нашите потреби. Верувам дека времињата ќе се сменат, а Шолта и тоа како ќе ги надмина Брач и Хвар. Карактеристично е што тука немаме отровни змии. Единствени грабливци беа дивите свињи, кои беа донесени за време на војната. Островот е питом, компири имаме два пати годишно, па дури и за Божиќ. Тука се маслиновиот зејтин, квалитетниот мед, ракија, вино, ореви, смокви, калинки, зеленчук и се она што е потребно за еден нормален живот.“ – додава Калебич.

Во идниот период, Шолта ќе го добие и првиот хотел, инвестиција вредна десетици милиони евра. Како што објаснува Рина, на овој остров му е потребно население, како животот би се вратил во нормала.

Кога сме кај плановите, мојот постар син  сака да посади 100 000 лозови насади кои и понатака ќе го произведуваат нашето автономно вино, Добричич. Тоа го нема никаде, бидејќи успева само тука. Исто така, планираме да се шириме и во делот на туризмот. Имаме апартмани, кафичи, ресторани и се што е потребно за едно туристичко место.“ – потенцира Калебич.

За крај, Рина која најпрво ни посака топло добредојде и ни ги понуди сите специјалите на „тацна“, порача: „Čekam te opet na Šoltu, ali ovaj put na medeni mjesec, sve na moj račun“ – завршува Калебич.

O.Трајчески