Скита, пишува и чита: Веле Митаноски
(Во три продолженија, објавуваме патеписни белешки на новинарот, публицист и општественик, Веле Митаноски. Тој ќе ве прошета низ историјата и убавините на Медитеранот: Западна Италија, Азурниот брег и Прованса, во Франција, како и низ светски елитните центри на Балеарските острови, во Шпанија, Палма и Ибица)
“Ел Мундо”, плус тета Елида, и “мундото” е ваш
“I Live where I would Like to Live. I Live in Majorca, Spain,and I am not sure there are better places” (Rafael Nadal).
И јас батка, Рафа. Сполај му на Бога – Спасителот – Единствен, на акалот што се’ уште ме држи, и на десетте прсти, поскромно, посиромашно, ама, го можам истото.
Па, сепак, „I Live in Ohrid, Macedonia, and I am not sure there are better places!”
Ти приложувам денешни фотографии (18 октомври 2019) па да видиме “чија мајка ситно преде!”?
Ти приложувам и една досетка, тазе од изминатово лето: Се паркира странец со возило, во центарот на Охрид. Наплатувачот му ја кажува цената – 100 денари од час.
-Ама ова и во Париз го нема! И таму е поевтино!
-Е, ова е Охрид, батка, ако ти чини!?
Шегата настрана, играчките настрана, но, Палма, навистина, не е играчка. Само податокот дека на тамошниот аеродром поминуваат, или заминуваат над 22 милиони патници, говори сам за себе. Ами крузерите – пловечки градови, кои носат до 5.000 души!? Ами автобусите, кои влегуваат и излегуваат во колони!? Ами непрегледното поле од ексклузивни јахти, како онаа на Роман Абрамович – со подморница и хеликоптер!?
Навистина, споредбата со Охрид е неадекватна, Палма брои 600 илјади жители и е 12-ти по големина град во Шпанија, ама, сепак, пропорциите не смеат да не залажуваат. Охрид остварува околу 1,5 милиони ноќевања. За да ја стигне Палма, би му требале едно 50 до 60 години!
Ако споредбите со Палма се несоодветни, искуствата, ите како, се добредојдени. На пример, актуелно е прашањето за марина во Охрид. Каде и каква? Таму видов поголеми глисери од овдешниве, наредени како плашици на неколку ката. Една дигалка, една здрава метална конструкција, пристап и – решен проблем! Ако Јапонците стигнале дотаму на копче да ги паркираат автомобилите под површината на почвата, ние барем, да искористиме нешто – над површината и тоа на мал простор.
ПАТРОНАТОТ ОД УНЕСКО ЗА ОХРИД – ПРИВИЛЕГИЈА ОД СВЕТСКИ ДИМЕНЗИИ
Тоа што Охрид е заштитен, ставен под патронатот на УНЕСКО, е привелегија од светски размери. И градот и езерото како светска културна и природна вредност. Но, како да им го кажете тоа на алчните политичари и безмилосните градежни мафиози? Дали бев еретик кога во ТВ. емисија на националниот сервис, за Славко Упевче, покажувајќи ја “Света Софија”, изглаголив дека без “окце да им трепне!”, би ја срушиле, за на нејзиното место да подигнат станови за пазар!?
Е, ова што му се случува на Охрид е незамисливо. Да изградите станови за пазар, во најелитна хотелска зона, на местото на објект – историја на охридското хотелиерство, па уште и со авлија да го заградите езерото!? Извинете, ама тоа е незамисливо.
Што ќе беше ова нашево чудо невидено? Ја прокрстарив Западна Италија, Азурниот брег и Прованса, малку од Каталонија и Балеарските осторви, успеав да пронајдам доста чинари и столетни маслинови дрвја, а никаде – ништо налик на пицеријата на ефенди Нефи, под чинарот на Охрид, која другарот Заев, се’ уште, “ја урива и по цена на локалната коалиција во Охрид”!? Зборот си е збор, нели?
Ибица и Палма се поим во светското хотелиерство. Но, УНЕСКО во Ибица, заштитил само едно градско парче, тврдината од 16. Век. Но, приватизација и комерцијализација на тој простор, е незамислива. Може да се извадат неколку маси и столици на тротоар, но да се заграби тротоар (погледајте го она “светско чудо!” наспроти Стопанска банка – на 50 метри од езерото!), тоа е далеку од умот.
Ако ни е за утеха и таму, на почетокот, тргнале по нашиот акал – град за семејни одмори! Но, брзо свртиле нов лист – ништо под 5 ѕвездички од хотели. Сите работаат – за, или во туризмот: риболов, маслинарство, винарство, градинарство. Невработеност – нула! Велат – светски центар на ди – џеј заедницата ( ајде да не ги потценуваме и оние од ел џи бити заедницата!), на забавата, авиони на секои 5 минути, светски рекордер на пропуштени летови! Што да се чини, кога второто име на Ибица е “бел остров”!?
(Македонците, Ибица ја препознаваат и по шифрата, енигмата на Никола Груевски: Миле, дај му бе, еден тендер на оној со “С”, како ИБИЦА!)
Не сум историчар за да тврдам, но Ибица, е едно од неколкуте места, каде локалните мештани ќе ви кажат дека Кристофер Колумбо, е роден токму тука. Наше е да им веруваме и да го пронајдеме тоа место – старото градско јадро на Ибица, под патронат на УНЕСКО. Има и други градови кои го тврдат истото. На пример, Џенова. А, дека, сепак, почива на шпанско тло – Севиља.
“Шпанија во срцето” (Пабло Неруда, нобеловец и носител на “Златен венец” на СВП)
“There is no night life in Spain.They stay up late,but they get up lote. That is not night life. That is delaying the day”.(Ernest Hemingway).
Она што за Хемингвеј беше американската НАНА, за мене беше југословенската ТАНЈУГ. Таму го постигнав својот професионален Олимп (излегов со статус – “уредник агенције“), но не стигнав ниту до потколениците на Хемингвеј.
Филип Рикер, тогаш во својство на аташе за печат на амбасадата на САД во Скопје, ме покани еден месец да престојувам во „VОА“. Додека другите поитаа кон Музејот на НАСА, јас заминав во Музејот на Хемингвеј, да ги видам машината за пишување и бројот на новинарската членска книшка.
Судбината е еден долг пат на кој ќе се сретнеме со самите себе. “Идеалот е егзотично овоштие кое зрее на гранка, но никогаш нема да го достигне човечка рака” (Владимир Назор, на чие дело матурирав во охридската гимназија).
Но, никојпат, не се откажувајте од идеалот и соништата – тие се силни и претставуваат таен двигател на реалноста.
(Хемингвеј: “Виното е за да се ужива, а виски се пие за да те загрее” – ти ги покрене дамарите на животот)
Следете го патот на недостижните, зашто, и за Хемигвеј биле сон Нобелова и Пулицерова награда, но тој се искачил на тој пиедистал: Човек – граѓанин на светот, на војната и на мирот. Известител, воен дописник, но и учесник во Првата светска војна и во граѓанската војна во Шпанија – на страната на Републиканците.
Заедно со Илја Еренбург, со – “ајмо реќи” – нашиот Коча Поповиќ (“Шпанија беше ваздухот кој го дишевме”), руски, бугарски, но и стотина соборци од етничка Македонија, во времето кога Франкистите, го стрелаа Федерико Гарсија Лорка, во неговата родна Гренада: Елисие Поповски (Марко), дебарчанецот Аголи Урфи Аки, јуришник од славниот баталјон „Гарибалди“ – загинал кај Брунете пред Мадрид, Алексо Демниевски – Бауман, Цветко Узуновски – Абас, член на Главниот штаб на НОВ и ПОМ во моето Црвена Вода, последниот преживеан шпански борец од Македонија (почина на 24 мај 1994 година во Скопје)…
Хемингвеј, по враќањето во САД, го објавува романот „За кого бијат камбаните“, кој станува уште попопуларен поради истоимениот филм со Гари Купер и Ингрид Бергман. Шпанија беше негова страст и тема на неговите романи. Во 1956, повторно се враќа во Шпанија, која го привлекла со страста за коридата. (Пабло Неруда: ”Шпанија во срцето”).
“…едно е “Старецот и морето” (напишан за 7 дена – м.з), a сосема нешто друго “За кого бијат камбаните”: „Младост и војна за човечко достоинство” (Илја Еренбург).
“..Слоботата е Санчо едно од најголемите богатства кое небото им го подарило на луѓето. Со слободата не можат да се мерат никакви богатства” (Дон Кихот, витезот со тажен лик, кој јуреше на ветерници иако е тоа историска заблуда, но сепак верен кон себе и своето човечко достоинство.
(“..Слоботата е Санчо едно од најголемите богатства кое небото им го подарило на луѓето”)
…За шишето со виски на Хемингвеј (“виното е за да се ужива, а виски се пие за да те загрее” – ти ги покрене дамарите на животот), за Isidor Macabich LLobet – по потекло од нашите краишта (Хрватска) – црковен историчар и наш колега, автор на тритомно издание за историјата на Ибица, за поетесата Marija Antonija Silva I Ripoll).
Крај на првиот дел.
(Во наредното продолжение: “Марсеј, или, како соселанецот од Црвена Вода Евтонко, постанал Богатин!)
OhridNews