Скита, пишува и чита: Веле Митаноски
МАРСЕЈ, ИЛИ, КАКО СОСЕЛАНЕЦОТ, ОД ЦРВЕНА ВОДА, ЕВТИНКО, СЕ ВРАТИЛ КАКО БОГАТИН!?
(Во три продолженија,објавуваме патеписни белешки на новинарот, публицист и општественик, Веле Митаноски.Тој ќе ве прошета низ историјата и убавините на Медитеранот: Западна Италија, Азурниот брег и Прованса, во Франција,како и низ светски елитните центри на Балеарските осрови, во Шпанија, Палма и Ибица).
“Ел Мундо”, плус тета Елида, и “мундото” е ваш
(The stau in Marselle has formed my character.I am inclined to take everything gaily, and I am getting over my melancholy – Stendhal).
Како дете, во моето Црвена Вода, кога станува збор од светските градови, Марсеј е оној кој најрано и најдлабоко ми навлегол во свеста. Поради сватовштините – Евтинковци, односно Србиновци. Е,тој, Евтинко на кого му дале погрешно име, подоцна се вратил од Марсеј, како, што би рекле Б’лгарите како “скап човек”, како Богатко, или Богатин.
Сиромашкиот “евтин” соселанец, во Франција, останал неколку години, а кога се вратил, ги купил најдобрата нива и ливада, под петте селски кладенци, во месноста наречена Камна, веројатно Кај каменот.
Децата родени во поголемите населени места, условно да речеме – градските средини (секој град, не мора да значи дека е и градска средина!), го немаат тоа чувство што значи водата. Едно е да ја носиш, доведуваш до селото и до бавчето, по селска бразда од неколку киолемтри, а сосема друго – да ти е водата тука под носот. Треба да навртиш само и бавчата ќе живне. Незнам колку ви е позната досетката за девојката што ја омажиле во некое село, покрај Црна Река. Кога ја прашале како и е животот, им одговорила само со два збора: Црна ми е до газов!?
Тоа чувство – што значи водата, или Големата вода (Живко Чинго), го немаат и моите охриѓани. Инаку, не би се однесувале кон Охридското Езеро, онака како што се однесуваат. Забораваат дека без него, би биле – “никој и нишчо” (Григор Прличлев). Веројатно, не случајно Прличе на едно место пишува: “Излезете во Европа за да видите дека сте никој и нишчо!”. Можеби, токму денеска ова ни прозвучува актуелно и тоа не само за охриѓани, туку за целата нација.
Родените покрај убавите и атрактивни места, често стануваат дембели, што и не е некаков општествен, туку личен проблем. Се додека, потпросечните не постанат мнозинство, те натпросечните изблици на ум, знаење и мурдрост, знаат да ги протераат, за да не им стрчат над дебелите глави. За тоа во наредното продолжение – како што охриѓани го протерале Прличета во Дебар, така наполитанците постапиле со Данте!?
Потпросечните никогаш нема да разберат дека височината почнува од главата нагоре. Не знам дали ви е позната досетката на Виктор Иго. Кога некој нобл (не)европеец, веројатно од преку каналот, се потсмеал со неговата физичка конституција, овој само му одговорил: Драг господине, ние овде, во Франција, луѓето ги мериме од главата нагоре!
МАРСЕЈ, ИЛИ, КАКО СОСЕЛАНЕЦОТ, ОД ЦРВЕНА ВОДА, ЕВТИНКО, СЕ ВРАТИЛ КАКО БОГАТИН!?
Како дете, ја носев, во себе приказната за Евтинко, а кога малку потпораснав, се’ уште не ја знаев песната за кралот Александар на кичевскиот (сега покоен) пријател, Војо Стојановски, сопругот на шармантната колешка од “Нова Македонија”, ама брзо беше ме зафатил национал – романтизмот. За “големото чудо, чудо, бре, што станало на деветти октомври, за сојузот, бре, што ќе прават, сојузот душмански, против жална Македонија!”: ”Слушај бре кралу, кралу Александар: „Еве ти ја Македонија! Нека разбере цела Европа дека постои Македонија! Дека постои Македонија, а не Јужна Србија!”.
Ја искористив првата прилика и фатив џаде за Азурниот брег. Ниту на сон, дека, возачот на охридски “Галеб”, по патот ќе ни пее токму за тоа “големо чудо!”. Само уште тоа ми требаше! Професорката Милена Главинчева, франкофон, организираше зближување на Охрид од Македонија и Мартик, од Прованса, Франција. Играорна група од Охрид, ќе патува таму, а тие ќе доагаат во возвратна посета тука. Ние таму во некое младинско, или студентско хотелче, тие овде – по домови.
Зошто да не – “сега му е мајката”, велеше Мате (со цилиндерот – шешир на главата и тапанчето на дебелиот стомак!) од Битола, кога “Пелистер” ќе заводеше во Охрид на ракометното игралиште. Зборувам за златните времиња на охридскиот ракомет, од добата на покојниот Перо Спростран.
Иако базата ни беше во Мартик, професорката не рашета, се до шпанската граница, до Арл, или Арле (Arles), да го побараме увото на Ван Гог! Секако и еден цел ден во Марсеј. За мене уште и дополнителен мотив: Големото чудо, нели, го направи мојот имењак Величко (Димитров Керин), познат уште како Владо Георгиев Черноземски, 1934 година, со маузерот обвиткан во букет цвеќе, го уби кралот (во чие кралство тогаш беше и Македонија – за него Јужна Бановина), Александар Први Караѓорѓевиќ.
На враќање, оној возачот кој ни пееше за “големото чудо!”, се обиде да не фати на измама. Демек, занесен од песната, несакајќи, го утнал патот покрај Азурниот брег и “запичил” право за Милано! Стоп, му вели професорката и рикверц назад: Кан, Ница, Монте Карло, Монако, и – за Македонија, преку Сан Ремо. Супер, кај Црногорцине, како деца, се собиравме во една куќа, пред единствениот во тоа време црно – бел телевизор, да го следиме музичкиот фестивал во градот на цвеќето. Ете ти уште едно “чудо големо!”, уште и непланирано!
МАКРОН “ГОВОРИ СРПСКИ ДА ГА ЦЕО СВЕТ РАЗУМЕ!”, А НЕ ЈА ЗНАЕ ПЕСНАТА ЗА КРАЛОТ АЛЕКСАНДАР И МИНИСТЕРОТ БАРТУ!?
Се шушка, дека на врелата чорба што Макрон ја истури врз главата на лековерниот Заев, потпршка ставил Александар велики Вучиќ! Или, барем, тоа може да се насети од жестоката (не)дипломатска изјава на нашиот министер за понадвор – Николетина! Како и да е, сега знам зошто Макрон “говори српски да га цео свет разуме!”, ама, се’ уште, не знам зошто не знае да ја пее песната за “големото чудо!” од 1934 година и за Кралот Александар! Или не му ја кажал Вучо, или пак, можеби, и двајцата не пеат по нотите на Војо Стојаноски?
Како и да е, и овој пат, при престојот во Марсеј, поитав да се најдам на истото место, на кое стоев како млад занесењак – романтичар, пред едно 40–тина години, овој пат, уште и на почетокот на октомври. Таман – јубилејно! На мое големо изненадување, воочив голема разлика: Ја нема металната плочка, на “Улицата на конопот”, која тргнува од старото пристаниште кон тогашната берзанска зграда, а која потсетуваше на настанот. Дали само поради изведувањето градежни работи, или во прашање е нешто друго!?
МАРСЕЈ, НА ФРАНЦУЗИТЕ ИМ ЈА ДАДЕ МАРСЕЉЕЗАТА, А НА ЕВТИНКА КАМНА!?
Марсеј е главен град на регионот Прованса – Алпи – Азурен Брег. Местоположбата кажува се. Да не не’ чујат во Тулуз и Лион (!), со 850.000 жители е втор по големина, после Париз. Во секој случај, најголем француски град на Медитеранот со најголемо комерцијално, трговско и крузерско пристаниште, со неколку кампуси на Универзитетот Aix – Marselle.
Веројатно, не случајно тука се укотвил и нашиот Евтинко, од Црвена Вода. Емигранти од целиот свет пристигнувале тука, формирале и скромни населби околу пристаништето. Работа за пристаништни работници, колку ми сакаш. И Тогаш и денеска, на големите светски пристаништа, како што е марсејското, ангажирани се и до педесеттина илјади глави. Цел еден град. Алжирците, како најбројни, дури имаат формирано посебен кварт, или град, со сопствен голем пазар.
Во Марсеј, неизоставно ќе ве потсетат, дека нивниот град бил дом на славниот Питеас, грчки математичар, навигатоир и астроном, по револуционерноста на мештаните. Француската национална химна – Марселезата е производ на тамошните бројни доброволци кои марширале и ја пееле до Париз за да ја бранат Француската револуција – 1792 година.
Марсеј е познат и по фудбалот и културата. Пред три години беше домаќин на Европското фудбалско првенство. Година дена подоцна – Европски центар на спортот.
Во 2013 година, беше Европски културен центар, кога е изградено огромното огледало над пешачката патека кај старото пристаниште: да си се рашетувате, да си правете селфи и да си се гледате “во живо!” – таму некаде високо над вас!
На архитектот и на градските власти не им било лесно да го изградат ова чудо од огледало. Да го покријат просторот на главното шеталиште покрај морето, со стотина, или 2оо метри квадратни високо во воздухот – кажано со јазикот на Манулаќот – со оваа огромна “натстрешница” (асоцирам на “колибите на Паско Кузман!”, кои се денеска најпосетеното место во Охрид!), како што нема турист кој не поминува под “натстрешницата!” во Марсеј.
Веројатно, не им било лесно и на американскиот проектант со кинеско потекло, Минг Пеј на стаклената пирамида, пред Лувр, и на властите во Париз, но денеска сите би сакале да понесат спомен пред тој архитектонски “чир”!
АРЛ, УВОТО НА ВАН ГОГ, СЛАВКО И НИКОЛА УПЕВЧЕВИ
За Прованса и Азурниот брег, велат, дека се прапостојбината на Европа. Тука никнале првите населени места во праисторијата. Веројатно затоа што жителите, тука, имале и мајкојна и таткојна – истовремено. Велат дека таткојната (за Прличета поважна од мајкојната), ти е каде што ти е убаво, а мајкојната е една – каде ти е мајката. На овие простори, ако таткојната е морето, мајкојната е реката Рона – мајката хранителка, од Алпите во Швајцарија, каде извира, се до делтата Камарг, кај Арл, каде Рона се дели на две притоки, кои се вливаат во Медитеранското море – „Голема Рона “ и „Мала Рона “.
Марсеј, а пред него Кан, Ница, Монте Карло и Монако, со своето кинежевство, се високо рангираните места кои вреди да се посетат, но, во Прованса, ќе ви кажат дека, не сте сториле ништо без, барем ден, престој во Арл. Не само поради увото на Ван Гог, по кое бев тргнал во младоста.
Бидејќи во ова писание ги барам сите возможни и невозможни врски и споредби со нашиот Охрид, со Арл, град на патот кон шпанската граница и со видливо шпанско влијание, ќе ве поврзам преку ликовните уметници – Упевчеви, таткото Славко и Синот Никола. И Двајцата академски сликари.
Постариот Упевче, веројатно не случајно, во охридската гимназија, матурирал на франкофонијата. Во Скопје, на Ликовната кадемија, дипломирал на Ван Гог, а после тоа, било сосема нормално да отпатува за Франција и месец дена да престојува во Арл.
Подоцна, таткојната (онаму каде е вистинскиот убав амбиент за еден ликовен уметник), ја побарал и синот – Никола. Престојот го овековечил со тоа што на градот му подарил мозаик, со претстава на заштитниот знак, односно грбот на градот Арл.
И тука, сакам да ја завршам оваа приказна. Со предлогот, или идејата, “украдена” од Марсеј, а нашите градски власти, доколку би сакале да ја применат, би го сториле тоа заедно со Упевчеви.
Охрид има неколку места, дури многу повеќе од Марсеј, од каде се пружа впечатлива визура на градот и езерото. Посетителот, истовремено, ќе може да го види и она што уметникот го претставил пред него, како минијатура, но и реалната слика на теренот.
Охрид, за тоа, го има и Никола Упевче, ликовен уметник, кој веќе работи на тој план. После 10 годишна работа, Никола Упевче, го заврши мозаикот „Мапа на Охрид“, досега, веќе презентиран во Барселона и во Рим, а е базиран и на апликацијата Google maps, со актуелни географски координати кои можат да се видат преку Google maps.
Мозаикот нуди поглед на Охрид од птичја перспектива и ја содржи целокупната инфраструктиура на стариот дел на градот опкружен од Охридското Езеро. Сето тоа е претставено автентично, а на мозаикот автентично се претставени и сите монументални објекти.
Никола Упевче, го изработи сводестиот мозаик поставен над влезот во црквата „Св. Богородица – Каменско“ во Охрид. Го донираше мозаикот на, веќе, запуштената фонтана, среде плоштатката Кај Минимаркет, или до музичкото училиште “Методи Патче” – кој како милува. Водата пресуши во фонтаната, водниот ѕид делува уште позапуштено, а маалските тинејџери од плоштатката направиле ски – борд игралиште. Ги корнат плочките и од нив прават скокалници и никој тоа не го забележува. Штета!
Мозаикот, на она што остана од фонтаната, претставува реконструкција на антропоморфните претстави на подниот мозаик зачуван во крстилницата на поликонхалната ранохристијанска базилика од V-VI век на Плаошник: „Четири рајски реки“ (Геон, Фисон и Еуфрат), додека четвртиот, кој недостига, реката Тигар, е вметнат на начин што ја дополни сликата и е единствен ваков портрет кај нас. Овој мотив, се појавува на повеќе места низ Медитеранот, како на пример, Корзика, но и во Тунис.
Мозаикот „Мапа на Охрид“, целосен, или во полукружна минијатура, каква што е оваа во Марсеј, пред базиликата Notre – Dame de la Garde, би биле уште една знаменитост на нашиот Охрид.
(Крај на второто продолжение. Во наредното и завршно: “Види го Наполи и умри!”, но, доживеј охриѓанците, кои ја “усовршија!” наполитанската пица, да се сетат на “Капри – Неапол”, на Атина и Дики Бојаџи).
Репортажа од Шпанија: Универзалните вредности на Мајорка и Охрид, исто е, ама исто не е