Котор е мал крајбрежен град покрај Јадранот сместен во југоисточниот дел на некогашната „братска“ република, Црна Гора. Градот кој од 1979-та година е под заштита на УНЕСКО, изобилува со автентична венецијанска архитектура, високобразовни институции и музеи, голем број сместувачки капацитети,  цркви од различен временски период, како и импресивни градски ѕидини долги четири километри.

Како еден од најпривлечните туристички центри на црногорското приморје покрај заливот Бока-которска, Котор е соодветно поврзан со редовни авотбуски линии не само со градовите од матичната земја, туку и административните центри на Балканот како Скопје, Сплит, Дубровник, Загреб, Белград и Нови Сад.

 

Вкупно девет хотели меѓу кои познатите Асторија и Вардар, уште повеќе приватни сметстувачки капацитети како апартмани и хостели, говорат за развиениот туризам во овој приморски град. Цените на услугите вон летната туристичка сезона се за сечиј џеб и нешто поблаги за разлика од „шпицот“ во јули и август, што овој град го прави доста атрактивен во периодот од мај до октомври.

Некои податоци говорат дека Котор е основан во третиот век пред новата ера, додека други дека е населен од страна на Римјаните во 168 година пне. како дел од некогашната римска провинција Далмација. Во поединечни периоди од целокупната негова историја градот припаѓал на Византија , Самоиловото Царство и Млетачка Република(Венеција), а од 1391. до 1420. фунцкионирал како засебна држава.

Од верските објекти најзначајна е катедралата Св. Трифун изградена во 1166-та година на местото од истоимената поранешна црква која датира од почетокот на деветтиот век. На романескната уметност припаѓаат црквите Св. Лука и Св. Марија, како и поголем број градби кои не се сочувани во целост. Тука е црквата и „Госпе од Здравлја“, сместена зад високите утврдувања на Котор, од каде што може целосно да се види градот, морето и заливот.

Во сабота напладне, которчани обично го бодрат својот единствен фудбалски клуб ФК Бокељ кој се натпреварува во втората црногорска фудбалкса лига. Но несомнено дека гордоста на овој град е ватерполо клубот „Приморац“, кој во сезоната 2008/2009-та успеа да го покори стариот континет и да постане европски првак во ватерполо.

O.T.