На речиси  40-на степени целзиусови, под прежешко сонце, стотина работници и уште толку припадници на армијата интензивно работат на финалното дотерување на градот за претстојниот безбедносен Форум на НАТО што на 28 и 29 јуни ќе се одржи во Охрид.

„Жешко е“ велат работниците „но мора се да се заврши навреме!“ Се  расчистуваат зелениот појас на булеварот Туристичка и на патниот правец од Билјанини извори до Свети Стефан. Механизацијата пак ги уредува рабовите од сообраќајниците по кои ќе минуваат делегациите (ќе ги има вкупно 49)

Ќе стигнеме навреме, оптимист е и директорот на ЈП Охридски Комуналец, Боро Павлоски, чии екипи неуморно работат. Последните два дена вршиме завршно чистење и дотерување од аеродромот до Свети Стефан.

Поделени сме на две делници, влезот на Охрид го уредува „Македонија пат“, а градскиот дел и делницата до Свети Стефан ја третира Комуналец, објаснува Павлоски. Тој информираше дека се засадени околу 450 садници, со што како што рече патот кон Свети Стефан доби подобар изглед.

Во функција на НАТО форумот се ставени и охридските хотели. Во Милениум палас ќе бидат сместени новинарите и прес центарот. „Хотелот комплетно е ставен на располагање на организаторот на безбедносниот форум и веќе гости не примаме,“ ни изјави хотел-менаџерот Игор Јанески.


„Забранетиот град“. Хотел ИНЕКС


Детали од подготовките на влезот во хотелот

На пристапот до хотелот Инекс Горица силно полициско обезбедување кое не дозволува никој без посебна пропусница да се доближи до местото на обезбедување на форумот. Влезовите кон хотелот како и главните сообраќајници во градот дополнително се обезбедени со видео камери, а за време на одржувањето на форумот на сила ќе биде и посебен режим на сообраќај. Некои кои ја виделе новата конференциска сала во хотелот (во која е најстрого забрането фотографирање) велат дека изгледала велелепно.

Посебниот режим на сообраќај ќе стапи на сила од четврток 28 јуни, не` информираше Бранко Речкоски, виш сообраќаен инспектор во СВР Охрид. Во ексклузивниот разговор за ohridnews, Речкоски појасни дека посебниот режим не значи дека Охрид ќе биде во некаков карантин туку „за време на движење на  делегациите односно  возилата под придружба ќе се ограничува или забрани на определени категории на учесници на сообраќајот, како што е товарен, автобуски или сличен сообраќај на определени делници, а штом се обезбедат минимум услови за да може да се одвива сообраќајот полицијата со максимално залагање ќе го овозможи тоа“ вели Речкоски.

Речкоски не` информираше дека охридската сообраќајна полиција располага со потребните средства и капацитети да одговори на предизвикот за што побезбедно одвивање на сообраќајот за време на НАТО форумот како на учесниците на големиот настан, така и на граѓаните и правните субјекти.

Г. Момироски
фото: С. Костоски