Сите учесници во вториот ракометен камп од најдобриот ракометар во Македонија, Кирил Лазаров кој ќе се одржи во две смени во Охрид ќе бидат скаутирани од агенцијата Фестивус.


Фестивус како менаџерска агенција, со основна дејност спортски менаџмент и посредување во ракометот е основана од Андреј Голиќ, спортски агент во Француската ракометна федерација, магистер по спортски менаџмент и организација на Универзитетот во Марсеј. Како репрезентативец на Франција, помеѓу другото е освојувач на златниот медал во 2001 година, а со својот клуб Монпеље во 2003-та го освои пехарот во најпрестижното европско натпреварување, Лигата на шампионите. Негов прв соработник и човек одговорен за просторите на екс Југославија е живата легенда на Заргеб и хрватскиот ракомет, Сењанин Маглајлија.

Сите овие факти на Фестивус како агенција и даваат капацитет и кредибилитет во проценка на ситуациите, квалитетот, можностите на еден млад играч, а се со цел напредување во кариерата.

Еден од главните сегменти во соработката на КМГ Спорт и Фестивус ќе биде поврзување на проектот на ракометниот камп „Кирил Лазаров 7“, каде ќе партиципираат голем број на млади ракометари од Македонија, со основната идеја на функционирање на агенцијата Фестивус во делот на скаутирање, менторирање, обука и менаџирање на идните млади и талентирани ракометари.

Како дел од активностите на оваа соработка со особена чест и задоволство од КМГ Спорт гo најавуваат присуството на Голиќ и Маглајлија на вториот ракометен камп во Охрид.

Ова ќе биде одлична можност луѓето од агенцијата Фестивус одблиску да се запознаат со проектот на најдобриот македонски спортист и со квалитетот на младите македонски ракометари.

Активно учество на ракометниот камп од Кирил Лазаров во Охрид најави и репрезентативниот чувар на мрежата Борко Ристовски кој од август ќе му биде и соиграч на репрезентативниот колега.


На вториот камп на Лазаров гости ќе бидат уште Младен Ракчевиќ и носителот на титула EHF – Master Coach, Драган Ѓукиќ.

Кампот на „Кирил Лазаров 7“ кој минатата година имаше премиерно издание во Охрид ќе започне на 17 јуни, а ќе заврши на 30.

OhridNews