И кошаркарите на Гостивар имаат свои мотиви за престојниот дерби дуел со Охрид во рамките од Втората кошаркарска лига. Во мечот на сезоната охриѓани влегуваат со бодовна предност на табелата додека гостиварчани со победа ќе ги враќаат шансите за пласман на првата позиција.
– Со оглед на досега прикажаното, распоредот на табелата и квалитетот на двете екипи слободно може да се каже дека е меч на сезоната. Очекувам квалитетен и неизвесен натпревар, каде што ние ќе го дадеме својот максимум и ќе се бориме до последната секунда за победата. – рече Ренато Димитриевски.
Капитенот на гостиварскиот кошаркарски клуб смета дека играчите нема потреба да чувствуваат никаков притисок пред мечот со непогрешливиот Охрид во Втората лига.
– После неколку години пауза кошарката во Гостивар повтороно се врати и со оглед на задоволителниот старт што го имавме не чуствуваме притисок на оваа дерби пресметка. Дополнително сме мотивирани за да извојуваме позитивен резултат против досега единствената непоразена екипа во Втората лига. – додаде Димитриевски.
Во минатото Димитриевски го носеше дресот на охридскиот Лихнидос кој се натпреваруваше во Втората лига. Враќањето во Охрид, во Билјанини Извори ќе ги разбуди убавите спомени на Димитриевски.
– Играњето за Охрид пред неколку сезони ќе ми остане како убаво сеќавање и прекрасно поминат период со целата екипа. Повторното враќање во салата Билјанини Извори ме мотивира од секој аспект и се надевам дека публиката ке ужива во текот на целиот натпревар. – заврши капитенот.
Натпреварот на сезоната во второлигашкото друштво се игра во сабота со почеток во 18 часот.
OhridNews