Селекцијата на Македонија го запиша првиот бод на гостувањето во Шкотска откако ремизираше играјќи 1-1. “Црвено жолтите“ имаа водство,  ја контролираа играта, створија многу прилики пред голот на “келтите“ но малку среќата и нерешителноста во одлучувачките мигови си го направи своето.


– Репрезентативците заслужуваат честитки за прикажаната игра, дисциплината и борбеноста. Штета што дома не се враќаме со три бода кои целосно ги заслуживме. Задоволен сум од играта против Шкотска но резултатот не е по мој вкус. Освоениот бод со Шкотска на гостински терен нека биде добар вовед пред дуелите со Хрватска и Србија наредниот месец – посочи Јаневски по завршувањето на мечот.

По одличните мечеви против Хрватска и Шкотска на гостински терен, Јаневски бара да не се крева еуфорија. Сите мечеви се исти кои мораат да се одиграат на максимално ниво, додава македонскиот селектор.


Не треба да се крева никаква еуфорија. Ваквата претстава фудбалерите треба да ги натера да веруваат во себе. Изборот на шкотскиот голман за фудбалер на мечот доволно говори за нашите перформанси против Шкотска. Ќе треба да поработиме на ефикасноста која може да ни донесе три бода – заврши Јаневски.

Македонија наредниот месец на домашен терен ги пречекува Хрватска на 12 октомври и Србија на 16 октомври.

Мх.П.