Без победник 23-23 (13-13) заврши пресметката во Охрид помеѓу домашниот состав и Овче Поле во рамките од третата рунда во Супер лигата. Бод за охриѓани, кој е четврти во сезоната донесе Бојан Белески со погодок во последните секунди од мечот.

„Белите“ во грч го започнаа натпреварот пред своите гледачи, тоа гостински ракометари вешто го користеа и констатно имаа водство во првиот дел. На крајот, гостинскиот бедем пред голот попушти и охридските ракометари стигнаа до 13-13 на полувремето.

Носени од публиката избраниците на тренерот Горан Андоновски во вторитe триесет минути заиграа далеку подобро од првите. Нападот постигнуваше лесни погодоци, а и на голот се разбуди Крсте Костески (12 интервенции) што донесе плус два во неколку наврати.

Но, место да го нокаутираат противникот ракометарите на Охрид им дадоа сламка за спас на гостинските кои ја анулираа предноста и стигнаа до егал во последната минута од мечот.

Во неа за водство на „зелените“ погоди нерешливата енигма за охридската одбрана Василевски (13 голови), а бод за охриѓани донесе Белески на четири секунди од финишот на дуелот.

За охриѓани ова е четврти бод во Супер лигата, а во наредното четврото коло гостуваат во Скопје кај екипата на Тинекс Пролет.

Охрид 2011 : Пецаков, Анѓелкоски, Андоновски 6, Мирков 3, Николовски, Трифуноски 3, Тасески, Поп Стефанија, Б. Белески  5, Китевски, Соколов 2, Томоски, Крстески, Костески (12 интервенции), В. Белески 5, Карадимче.

Овче Поле : Бетовски (8 интервенции), Јордев, Митев, Ѓорчев 1, Иванов, Василевски 13, Милески, Наумов 1, Т. Панев 6, Милкоски 2, Диневски, Паунов 4 (интервенции), Петрушев, Јосифов, Р. Панев, Митрушев.

Мх.П.