Без победник, 2:2, заврши дерби натпреварот од Втората фудбалска лига помеѓу Гостивар (2) и Воска Спорт (1), што се одигра попладнево.

Воска поведе во 16 минута преку Ардит Демири. Цо вторатат минута од судиското продолжение во првото полувреме Антонио Каланоски израмни на 1:1.

Домаќинот во 78 минута направи целосен пресврт откако Емран Рамадани стрелаше за 2:1. Ален Јашароски во 84 минута израмни на 2:2 и го постави конечниот резултат на средбата.

По натпреварот Воска Спорт на клупската страница на Фејсбук обвини дека членови на нејзината управа биле нападнати од челниците и поддржувачи на домаќинот.

  • Се чини дека голот што го постигна Ардит Демири воопшто не им се допадна на челниците на Гостивар, кои само за да го исплашат нашиот тим и да стигнат до победа, наместо да ја покажат својата сила внатре на теренот, тоа го направија надвор од него, напаѓајќи го раководството на Воска Спорт. Ова навистина е еден скандалозен чин на челниците на Гостивар, особено кога истите тврдат дека Гостивар ќе го претвораат во европски клуб. За жал денешниот случај го покажува спротивното, бидејќи еден клуб што посакува да игра во Европа, за резутатите треба да се бори на зелениот терен, а не со покажување мускули, бидејќи и на тој начин не ја постигнаа нивната цел, да ја совладаат екипата на ФК Воска Спорт, стои во клупската реакција.

 

Инцидент на мечот Гостивар – Воска Спорт. Фото: ФК Воска Спорт – Фејсбук

Воска Спорт по 5 одиграни кола и натаму е лидер на табелата со 13 бода и натпревар повеќе. Гостивар е втор со 11 бода и исто така натпревар повеќе.

Останатите натпревари од 5 коло во Втората лига на прорамата се во недела. ГФК Охрид на „Билјанини извори“ го пречекува Пелистер.

Средбата почнува во 15 часот.

Г.М.