Младата репрезентација на Македонија, попладнево на стадионот „Билјнини извори“ во Охрид, одигра нерешено 0:0 со репрезентацијата на Србија, во рамки на квалификациите за пласман на Европското првенство во фудбал за играчи до 21 година.
Репрезентацијата на Србија беше поблиску до гол во првото полувреме, но инзвонредниот македонски голман Давид Денковски на волшебен начин ја сочува сопствената мрежа. Во 32 минута тој одбрани пенал кој не го реализираше гостинскиот центарфор Тедиќ, по што имаше уште една бравурозна интервенција со која не дозволи водство на противникот.
Покрај промашениот пенал, Србија имаше и пречка во првото полувреме, како и статива во вториот дел, по уште една добра интервенција на голманот Денковски, кој беше играч на натпреварот.
Сепак, во вториот дел, Македонија покажа доза квалитет и создаде неколку одлични прилики за гол, а најзрела беше таа на Енис Фазлагиќ, кој не успеа да реализира стопроцентна шанса. Финишот на натпреварот повторно им припадна на македонските репрезентативци, но гостите успеаја да се одбранат за мирољубиво реми без голови на „Билјанини извори“.
Македонија – Србија 0:0
СРЦ „Билјанини извори“, гледачи 500.
Македонија: 1 Денковски, 2 Јанкулов, 3, Антовски (к), 4 Ѓурковски, 5 Божиновски, 8 Фазлагиќ (Али), Чолаковски (Воша), Елези, Илиевски (Скендери), Максимов (Трајковски), Гроздановски (Ферати). Селектор – Драги Канатларовски.
Србија: 1 Гордиќ, 4 Марковиќ,, 5 Честиќ, 6 Тетек, 8 Стевановиќ (Јовиќ), 9 Тедиќ, 14 Топиќ (Ѓерлек), 15 Милосавлевиќ (Зукиќ), 18 Видосавлевиќ, 19 Гавриќ, 21 Шеховиќ. Селектор – Ѕвонко Живковиќ.
Судија: Думитру Мунтеан – Молдавија
На натпреварот официјално во употреба беше пуштена новата источна трибина, на која неодамна беа завршени градежните работи. Трибината која ја изфрадија Оптина Охрид и Фудбалската федерација на Македонија со поддршка на УЕФА, има капацитет од нешто над 1400 гледачи, има ложа и прес дел, а во подтрибинскиот простор освен соблекувални за играчите и простории за официјалните лица има и медицинска просторија каде ќе се врши допинг контрола.
Согласно ковид протоколите на средбата во продажба беа пуштени само 500 влезници.
Г.М.