Репрезентацијата на Македонија до 21 година одигра нерешено, без голови против селекцијата на Исланд на теренот „Петар Милошевски” во натпревар од петтото коло од квалификациите за Европското првенство во Полска 2017.

Македонската селекција останува на третото место во групата со осум бодови, два помалку од Франција и четири во однос на Исланд, но со натпревар помалку од денешниот противник.  

На дуелот во Скопје, противникот прв се закани посериозно по нашиот гол преку Вилхјалмсон во деветтата минута, но Алексовски беше на висина на задачата и го одбрани  неговиот удар.

Како што одминуваше времето, избраниците на селекторот Благоја Милевски играа се подобро. Македонија ја имаше иницијативата во првото полувреме, бевме подобар противник и пропуштивме неколку добри шанси за постигнување погодок.

Најдобрата можност ја имаше Николов во 29. минута од средбата, Бејтулаи одлично нафрли, а фудбалерот на Вардар со глава не успеа да погоди од непосредна близина.

Во продолжението од натпреварот Македонија продолжи со офанзивна игра, играше на половината на противникот, создаваше шанси, но без реализација.

Во одлични прилики за гол се најдоа Барди и Бејтулаи, а најдобрата можност на мечот ја имаше Даниел Аврамовски во 69. минута, кога од чиста позиција немаше среќа да погоди.

OhridNews