По убиството на четворица француски туристи на 24 декември во Мавританија, за што пишуваше Ohridnews, организаторот на релито Дакар не сакајќи да ризикува со животите на натпреварувачите ја одложи авантуристичката трка за 2008 година. Причина повеќе за тоа биле и информациите дека на северот на Африка дејствуваат одделни крила на Ал Каеда кои би можеле да ги нападнат натпреварувачите.

Организаторот смета дека не може да им ја гарантира безбедноста на сите кои треба да учествуваат во ова натпреварување па затоа се одлучи да го одложи ова издание на најпознатата рели трка во светот. Трката требаше да стартува од Лисабон , а девет етапи да се возат низ Мавританија.

Натпреварувачите веќе биле собрани во Лисабон каде го очекувале стартот на трката и сега се разочарани од одлуката на организаторот за откажување на трката. Во историјата на трката досега се случувало поради безбедносни причини да се одложуваат одредени етапи кои поминувале низ ризични места, но никогаш не и да се одложи целата трка.

ohridnews