Редок цртеж на италијанскиот ренесансен сликар Сандро Ботичели е продаден на аукција во Лондон за рекордни 1,3 милиони фунти. Настаната кон крајот на 15 век, „Студија за седечкиот Јосиф“, на која е прикажана фигура на светец во седечка положба со главата наслонета на десната рака, е првиот цртеж на уметникот кој се нашол на аукција во последниве 100 години. Аукциската куќа Сотби, која ја организирала лицитацијата, соопштила дека тоа е највисока цена за дело на хартија на ренесансниот мајстор.

Како што пренесуваат медиумите, се верува дека тоа е последниот од цртежите на Ботичели кој бил во приватна сопственост. Потекнува од колекцијата на покојната американска филантропистка Барбара Пјасечка Џонсон, сопругата на Џон Стјуарт Џонсон, наследникот на компанијата „Џонсон и Џонсон“, кој го купил на аукција во Њујорк во 1988 година за 88 илјади долари. Освен албумот со илустрации за „Божествената комедија“ на Данте, сочувани се само уште 12 цртежи на Ботичели, а сите, освен наведениот, се наоѓаат во музеи.