На Конкурсот за наградата „Браќа Миладиновци“ која фестивалот Струшки вечери на поезијата ја доделува за најдобра поетска книга на македонски јазик објавена меѓу две фестивалски изданија, пристигнале 50 стихозбирки, што е најголем број од 1963 година кога наградата е востановена.

-Во историјата на фестивалот оваа година пристигнаа најголем број поетски книги – педесет, со што ние се уште го задржуваме атрибутот дека сме поетска нација. Без разлика како варираше квалитетот на тие книги, самиот број кажува дека македонската литература, пред се младите автори, посебно внимание посветуваат кон овој литературен израз, изјави Славе Ѓорго Димоски, претседател на Управниот одбор на СВП на прес-конференција која се одржа деновиве во Скопје.

Петте книги кои влегле во најтесен избор за оваа престижна награда во Македонија се: „Кино утро“ на Јовица Ивановски, „Слики“ на Гордана Михаилова-Бошнакоска, „Се случува вечност“ на Радован Павловски, „Година без лето“ на Виолета Танчева-Златева и „Премостување на  мигот“ од Тодор Чаловски.

Нив ги избра жири под претседателство на Зоран Анчевски и членовите: Ефтим Клетников, Иван Џепароски, Јордан Даниловски и Иван Антоновски.

Наградениот автор ќе биде соопштен во Струга, за време на одржувањето на фестивалот (26-ти – 31 август). Врачувањето е на 30 август на манифестацијата „Мостови“ кога ќе бидат доделени и другите две награди на СВП – „Златниот венец“ и „Мостови на Струга“. Наградената стихозбирка СВП ќе ја преведе на англиски јазик.

OhridNews