Рекорден број на 22-ца планинари од Планинарското друштво Трансверзалец успешно пеш, четвртата година по ред ја поминаа 250-километарска траса која почнува на врвот Љуботен висок 2498 метри, а завршува во охридското село Црвена Вода.
Првично, експедицијата на Трансверзалец броеше 28 членови, но во Извидничкиот центар во Охрид стигнаа 22, другите шест се откажаа. Меѓу 22-та планинари кои пристигнаа во Охрид имаше четири девојчиња, а Марија Матовска за прв пат и успешно ја помина делницата која е круна на алпинизмот во Македонија.
-Ова ми е прво искуство на Западната трансверзала и многу ми е мило што ја минав успешно. Ние како девојки не сме толку физички моќни како момчињата, меѓутоа покажавме карактер и сила и не потклекнавме на многуте предизвици. Јас лично би им препорачала на сите девојки кои се физички и псхички подготвени веднаш да почнат со планинарање, односно со подготовка за поминување на делницата. Првите пет дена од турата се денови кои се одвиваат на Шар планина и воопшто не доаѓаш до контакт со цивилизација туку ти и планината сте цело време. Цело време си во шатор, се што ти треба од храна и лични работи ти се во ранец и сето тоа треба да ти помине низ главата. Уште еднаш ќе ги поканам сите заинтересирани и подготвени луѓе да ја поминат трансверзалата, бидејќи планината ќе те промени како човек и ќе бидеш сосема друг кога ќе заврши. – изјави Марија Матовска.
Годинашното поминување на трасата е прво искуство и за Саше Гацев. Тој по пристигнувањето во Охрид раскажа за средбата со популарната змија „Шарка“ и инсектите кои се главни (не)пријатели на планинарите во шаторите. – Поединечно делниците ги имам поминато неколку пати, но вака заедно прв пат ја поминувам оваа трансверзала. Трасата може да биде многу комплицирана во зависност од временските услови. Нам ни се погоди многу убаво време за разлика од минатите години кога колегите во неколку наврати имаа непријатни случки со дожд, град и ветар. Најтешки се вториот и четвртиот ден од трансверзалата, односно во тие денови предвидено е да се помине подолг пат за разлика од останатите денови. Затоа ние додадовме гас во деновите кога имавме помалку за минување и значително си ја олеснивме работата во потешките денови. Случки на планина има секако кои неможеш да ги предвидиш. Мене под нога ми помина популарната змија „Шарка“, а кога малку ја нагазив ми се крена со главата, но за среќа не ме нападна. Разно разни инсекти ни влегуваа во шаторите и не напаѓаа, па потоа се мачавме со масти да не ни се случи нешто повеќе и така во главно добро и непроценливо искуство.
Временските услови ги посака планинарите и трасата ја минаа за осум денови, за разлика од минатата година кога пристигнаа после десет денови минати во планина. Околу техничкиот дел зборувавме со Зоран Тодоровски, кој минатата година прв пат ја помина трансверзалата „Љуботен-Охрид“.
– Тргнавме 28 луѓе вклучувајќи ги во нив и водичите, а стигнавме 22 планинари од цела Македонија. Еден ни се откажа вториот ден, откако му откажаа чевлите и мораше да прекине, а другите постепено. Во групата имавме доста млади планинари и планинари кои за прв пат ја минуваат турата, што мене лично многу ме радува. Првиот ден го искачивме врвот Љуботен на полна месечина и навистина беше прекрасна глетка за уживање и за полнење на батериите, бидејќи вториот ден е најтешкиот во целокупното поминување на трансверзалата. Се оди долго и низ крајно непристапни терени, што го отежнува нашето движење максимално. Понатаму теренот не е толку опасен, но е стрмен. Се искачуваат надморски височини од 2 100 метри и повеќе. Во минување на трасата многу ни помогна и времето кое ни се погоди, ниту еднаш не се соочивме со невреме или нешто слично. – рече Тодоровски.
Последниве четири години трасата се поминува во континуитет и бројот на планинари од година во година се зголемува. Иначе, прв пат делницата „Љуботен-Охрид“ помината е далечната 1974 година.
Михаил Постоловски