Со пари од Банката за развој при Советот на Европа ќе се реконструира дел од охридската Општа болница.

Тендерската постапка е завршена и на крај од летниот период, односно месец август или септември, се очекува да започне реконструкцијата. Како дел од првата фаза, ќе биде опфатена зградата во која се наоѓаат: одделението за хирургија, анестезија, урологија, гинекологија, ушното одделение и Центарот за ментално здравје. “ Се предвидува целосна реконструкција на зградата според светски стандарди” , вели потпаролот на Општата болница, д- р Сашо Василески. За целиот зафат ќе бидат потрошени над 1 милион евра.
Како што рече д- р Василески, следно, предвидена е реконструкција и на зградата во која се наоѓаат Одделението за геријатрија и Центарот за туберкулозни заболувања.

Како што веќе Ohridnews информира, овој зафат е дел од првата фаза од проектот за реконструкција на 20 јавни здравствени установи во Македонија. Услови за реализирање на проектот се создадоа по неодамнешното потпишување на Договорот за заем со Банката за развој при Советот на Европа, при што беа одобрени 23 милиони евра.  Во финансирањето на првата фаза на проектот, покрај 23-те милиони евра од Банката за развој при Советот на Европа, учествува и Владата со исто толку финансии. Вкупната вредност на проектот ќе биде од 130 до 150 милиони евра. Министерот за здравство, Османи, овој проект го нарече историски зафат во здравството кој по повеќедецениско запоставување на здравствените објекти ќе овозможи значително подобрување на условите за третман на пациентите, како и за работа на медицинскиот персонал. 

Т. К.