Кандидатот за градоначалник Митко Тилевски на денешната прес конференција потенцира дека инвестирањето во патна инфаструктура значи инвестирање во безбедноста, времето, достапноста и економскиот развој на општината.

– Можноста за непречено комуницирање и пренос на стока и добра по солидна инфрастуктура. Изминатите години  посветено работевме на изградба на квалитетна инфрастуктура. Изградени се 86 патишта во должина од 35 километри. Продолжуваме со работа која носи подобро. Приоритетен проект: комплетна реконструкција на Булевар „Туристичка“. Овој проект опфаќа, реконструкција на коловозот, атмосферска канализација, водоводна мрежа по потреба, изградба на пешачка и велосипедска патека, хортикултурно уредување. Понатаму ќе се започне со изградба на улиците: „Абас Емин“, „Јордан Мијалков“, „7 Ноември“, „Јане Сандански“, „Прва македонска ударна бригада“, како и реконструкција на улиците „АСНОМ“ и „Егејска“. Асфалтирање на улицата „Св. Кирил и Методиј“ од Горна порта до Дрвара и асфалтирање на улицата „Партизанска“. Изградба и одржување на локални патишта, поплочување и одржување на тротоари и улици, рече Тилевски.

При тоа најави и асфалтирање на голем број улици во градот и останатите делови од општината, меѓу кои „Александар Турунџе“, „Прилепска“, „Будва“, „Анастасија Узунова“, „Дејан Војвода“, „Стив Наумов“, „Дебарца“, населба Бејбунар, „Даме Груев“, „Ванчо Питошески“,  „Охридска бригада“, асфалтирање на пат од Љубаништа до Караула, уредување и асфалтирање на улици во Љубаништа, Трпејца, Пештани, Долно Коњско, Лагадин, Свети Стефан,  Велестово, Рамне, двете главни улици во Рача, Подмоље и Орман,  локален пат кој поврзува  три места Долно Лакочереј, Горно Лакочереј и Лескоец. Асфалтирање на улици во Горно и Долно Лакочереј, Велгошти, Лескоец, Косел, уредување на улици во Вапила, Ливоишта, Завој, Свињишта, Опеница и Плаќе, како и реконструкција на камени плочи на улици во стариот дел на градот.

– Во наредниот период ќе продолжиме со реализација на планираните проекти кои се во насока на зајакнување на инфрастуктурата на градот Охрид и подобрување на конкурентноста на економијата, преку забрзување на протокот на добра и лица низ градот и подобрување на повзраноста со регионот, нагласи Тилевски.

OhridNews