Градежните работи за рехабилитација на булеварот „Туристичка“, кои се во тек, ќе завршат во месец мај, односно пред почетокот на сезоната. Ова го најавија министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов кои денес извршија увид врз активностите на овој регионален пат.
- Охридскиот регион е особено важен за нас. Во наредниот период, почнувајќи од сега, интензивно ќе се работи на реконструкцијата на „Туристичка“ , но и на патот кон Струга, а деновиве треба да почнат и градежните работи на патот кон Радожда, изјави министерот Сугарески.
Со околу 186 милиони денари од буџетот на јавното претпријатие за државни патишта, трите делници ќе бидат рехабилитирани во должина од 18,2 километри.
- Транзитниот пат „Туристичка“ околу 20 или 30 години не е рехабилитиран, исто и делот од патот до Подмоље и кон Радожда. Активностите според проектот се предвидени да траат до јули, а јас гарантирам дека во мај се ќе биде завршено со цел Охрид подготвено да ја дочека туристичката сезона, рече директорот Китанов.
Според вд градоначалникот Константин Георгиески, реконструкцијата на „Туристичка“ ќе овозможи поголема безбедност во сообраќајот и подобра слика за градот.
- „Туристичка“ е главната градска артерија, најрепрезентативна во градот. Туристите кога ќе дојдат прво се среќаваат со оваа улица и ова многу ќе придонесе за безбедно одвивање на сообраќајот. Ќе ја посетиме и улицата „15 Корпус“ на влезот во Охрид од правец на Битола за да се запознаеме со состојбата таму, за во иднина да се планира и овој дел за реконструкција, изјави Георгиески.
Во однос на патниот правец Охрид- Свети Наум, директорот на ЈП за државни патишта информира дека почната е тендерска постапка за проектирање со цел идната година да започне реконструкција и на овој патен правец.
- Делот од Охрид до Свети Наум заради препораките на УНЕСКО мора претпазливо да се проектира, да се изготват елаборати за животна средина. Оваа година ќе се проектира со одбрение и надзор и на експерти од УНЕСКО за да може другата пролет да стартува рехабилитацијата, рече Китанов.
Што се однесува на автопатот Охрид- Кичево, Китанов потенцира дека градежните активности континуирано се одвиваат, а ќе се интензивираат наредниот месец. Кредитот од кинеската Ексим банка се одобрени и се во процедура, но како што рече директорот, и без тие средства претпријатието располага со пари потребни за одвивање на градежните работи. Додаде дека автопатот ќе се пушта парцијално во употреба, по делови како што тие ќе бидат завршувани.
Ohridnews