Целосна реконструкција на патот с. Подмолје – Струга – Калишта – Радожда (стариот пат кон Охрид – Струга) на постоечката траса и придружната патна инфраструктура – велосипедски и пешачки патеки, за да се обезбеди квалитетен пристап кон туристичките капацитети на крајбрежјето. Притоа, ќе се почитува заштитениот појас на Охридското Езеро. Ова е предвидено во програмата на Владата (2020 – 2024) во делот на инфраструктурата, каде се најавува нов пристап со цел земјата да го намали сериозното заостанување зад регионот и пред се Европа.

Во делот на инфраструктурата, владината програма предвидува изградба на автопатската делница Кичево – Охрид со крак Требеништа – Струга, проектирање на делницата Струга-Ќафасан и почеток на изградба. Исто така, се предвидува и проектирање на автопат Гостивар – Кичево и почеток на изградба на овој значаен инфраструктурен проект.

Што се однесува до Охридскиот регион, во владината програма во делот на инфраструктурата зацртана е реконструкција на делницата Охрид – Ресен, како и на патниот правец Охрид – Пештани – Св.Наум.

Владата ќе изврши промени на постоечкиот проект со цел да се заштити Националниот парк Галичица. – стои во Програмата на владата за инфраструктурен развој на земјата.

Владата најавува соработка со локалните самоуправи со кои ќе работи на изградба и рехабилитација на поголем број локални патишта. Воедно ќе се помага и во изградба на локални патишта и планински велосипедски патеки од интерес за развојот на езерскиот, планинскиот и спортскиот туризам, стои во владината програма.

Загрижувачка состојба

Нивото на инвестиции во инсфраструктурата во Македонија е ниско 10 години. Земјата стана инфраструктурно заостаната, со рурални средини без основни животни услови, без системи за снабдување со вода, фекални и атмосферски канализации. Патиштата станаа опасни и небезбедни, дури 39% крајно небезбедни според ЕУ, а со огромно задоцнување, се градат само неколку делници, се наведува во анализата на состојбите на инфраструктурата во земјата.

Владата во делот од програмата кој се однесува на инфраструктурата си задава амбициозни цели најавувајќи реализацијата на проектите: „Македонија мегалополис“, инфраструктурно поврзување меѓу најголемите центри за не повеќе од 90 минути, „Македонија без црни точки” и „Македонија без кал”.

Владата, во склад со законот од акцизата од горивата, регистрација на возила и наплата на патарини транспарентно ќе ги искористи финансиите за инвестиции и одржување во патната инфраструктура. Владата ќе формира компанија со доминантна државна сопственост (51%) преку која ќе се реализираат инвестициите во инфраструктурни проекти и во обновливи извори на енергија. Почетната големина на компанијата ќе биде 300 милиони евра. Владата ќе иницира преговори за финансирање на 3 приоритетни инфраструктурни проекти преку иницијативата 16 земји од Европа плус Кина „тешка“ над 10 милијарди долари. – се наведува во владината програма.

Владата најавува план за инвестиции во патната инфраструктура од 3 милијарди евра во следните 10 години со цел изградба на 600 километри автопатишта и експресни патишта, 550 километри магистрални и регионални патишта и 1.000 километри локални патишта. Меѓу приоритетите се и најавените инфраструктурни проекти во Охридскиот регион.

Г. Момироски