Во период на стопирани спортски активности во државата, АД за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката – Скопје изврши генерално реконструирање на тревната површина на Националната Арена „Тодор Проески“.
Постапката е од исклучителна важност, особено ако се земе предвид дека е единствен стадион во државата кој исполнува услови за меѓународни натпревари, на него се играат и домашни натпревари, па со самото тоа Националната Арена е меѓу најексплоатираните стадиони по број на одржани настани, информираат од претпријатието, a пренесува „Миа“.
Во рамки на генералното реконтруирање извадени се чепови за подобра дренажа на теренот, извршено е површно гребење за отстранување на коровот на тревата, пресеан е комплетниот терен со високо квалитетни семиња кои ќе обезбедат тревна подлога по сите светски стандарди, а површината е порамнета и со екстра фин песок и тресет за квалитетна основна подлога.
Се очекува оваа комплетна реконструкција да донесе долгорочен позитивен ефект за формата, издржливоста и квалитетот на тревната површина.
– Новиот терен ќе значи коплетна подготвеност на стадионот за претстојниот период кога треба да се одигра домашното фудбалско првенство, како и останатите меѓународните натпревари предвидени за периодот кој следува. Со ова, нашите спортисти ќе имаат беспрекорни услови за игра, како што впрочем им обезбедуваме со години наназад, соопштија од АДСДП.
OhridNews