На прес-конференцијата на локалната самоуправа во Охрид што се одржа вчера, со реакција се јави Министерството за транспорт и врски. Во соопштението се наведува дека по донесувањето на Решение за привремена заштита на Деталниот урбанистички план за Урбана заедница 8 во Охрид од страна на Министерството за култура на ден 14. октомври 2008 година, со цел испитување на археолошкиот локалитет „Бејбунар“, поништена е согласноста за овој Детален урбанистички план со Решение и истата престанува да има правна важност.
 
До градоначалникот на општина Охрид г-дин Александар Петрески, како и до  Претседателот на Советот на општина Охрид на ден 16. октомври 2008 година од страна на Министерството за транспоррт и врски уредно се доставени дописи кои се однесуваат на одложување на донесувањето и спроведувањето на Деталниот урбанистички план, согласно Решението за привремена заштита, но и покрај овие сознанија Деталниот урбанистички план е усвоен од страна на Советот на општината на нивната 58. седница.
 
Согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање, локалната самоуправа не смее да усвојува детални урбанистички планови без претходно добиена согласност од Министерството за транспорт и врски.
 
Оттука, поднесените кривични пријави претставуваат само доследно спроведување на законската регулатива и обид за зачувување на македонското национално културно богатсво, кое е значајно и за европската култура, при што Министерството за транспорт и врски најостро ги демантира тврдењата на претставници од општина Охрид дека „станува збор за нечие самоволие и заплашување на локалната власт“, стои во соопштението на Министерството за транспорт и врски.