„Река за Републиката“ не е само предизборна порака, туку концепт за сите граѓани, истакна кандидатот за претседател на коалицијата БЕСА и Алијанса за Албаниците, на митинот што се одржа вечерва во Центарот за култура во Струга.

Една Република за сите, во која ќе владее законот, а не поединецот, со СЈО според првичниот концепт, Република без политизирано судство, со неполитизирана јавна администрација, која ќе се бори против корупцијата, тендер патриотизмот и комерцијалниот национализам, рече Река.

Не треба да гласаат за Река само затоа што сум Албанец, затоа што јас нудам подобра програма, една инклузивна програма којашто се базира на универзални вредности што се прифатливи и за Македонците и за Ромите, Власите, Турците, Србите, за сите. Владеење на законот не е албанска филозофија, туку западноевропска филозофија и ако ние воспоставиме владеење на законот ќе влеземе и во ЕУ и во НАТО. Ако продолжиме наместо владеење на законот да промовираме личности или култ на личности ние ќе бидема далеку и од ЕУ и од НАТО. – рече Река.

Ова се многу важни избори затоа што новиот престедател ќе ја води државата во НАТО и низ процесот на преговори за ЕУ, а професорот Река е најдобар кандидат за таа мисија, истакна лидерот на БЕСА, Билал Касами.

Албанците до сега немале проблем да гласаат за кандидат кој е различен од нив, особено од Македонците и во други циклуси на претседателски или парламентарни избори. Затоа испраќаме порака и до нашите сограѓани Македонци, дека професорот Блерим Река е најдобар кандидат за сите граѓани да не претставува и да докажеме дека можеме да бидеме еднакви членки на ЕУ. – истакна лидерот на БЕСА Билал Касами.

Пред присутните на митингот во Струга се обрати и лидерот на Алијансата за Албанците Зиадин Села. Претходно карванот на Река го посети Охрид.

Г.М.