Најавата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен дека во идниот состав на Европарламентот не исклучува некаква форма на соработка се десничарската група Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР), предизвика бурни реакции од страна на социјалдемократите, либералите и зелените, кои дури ја доведоа во прашање нивната поддршка за нејзин реизбор на функцијата доколку таа реши да соработува со десницата.

Групата Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР), која ја сочинуваат национал-конзервативни, десничарски, националистички, десно популистички и евроскептични партии предводени од Браќата на Италија (ФДИ) на италијанската премиерка Џорџа Мелони и полската Право и правда (ПиС) на Јарослав Качињски, за време на чие владеење Полска се најде под санкции на ЕУ поради кршење на принципите владеење на правото, независноста на судството и почитувањето на основните права. Дополнително, интерес за приклучување кон ЕЦР најави и партијата Фидес на унгарскиот премиер Виктор Орбан, која беше исклучена од Европската народна партија (ЕПП) на Фон дер Лајен, поради непочитување на вредностите на Унијата.

Сепак, според Фон дер Лајен, соработка со ЕЦР би била можна, во зависност од составот на групата.

Многу зависи од тоа каков е составот на Парламентот и кој е во која група. Парламентот е тој што го создава мнозинството, додаде Фон дер Лајен.

Актуелното мнозинство во Европарламентот, како што јави дописникот на МИА од Брисел, го сочинуваат десноцентристичката ЕПП, која обединува демохристијански и умерени конзервативни партии, социјалдемократската Прогресивна алијанса на социјалистите и демократите (СД) и либералната група „Да ја обновиме Европа“, но многу често за клучни законски акти добиваше поддршка и од Зелените.

Се очекува ова мнозинство да биде клучно и при евентуалниот реизбор на Фон дер Лајен и при понатамошната работа на ЕП, но експертите не ја исклучуваат можноста за создавање ад хок „блокирачко мнозинство“ на десницата составено од ЕПП, ЕЦР и екстремно десничарската и националистичка група Идентитет и демократија (ИД), предводена од францускиот Национален собир (РН) на Марин Ле Пен, особено за блокирање на некои еколошки или прогресивни законодавни акти, како што беше случај со Предлог-закон за реставрација на природата.

Во противењето на соработката со десницата особено жестоки беа социјалдемократите кои порачаа дека „нема да седнат на преговарачка маса“ со ЕЦР и ИД.

Никогаш нема да соработуваме, ниту да коалицираме со екстремната десница! Ова исто така значи: Нема соработка или сојузи со ЕЦР или ИД во Европскиот парламент, се наведува во Декларацијата што на 4 мај ја потпишаа лидерите на сите партии членки на Партијата на европските социјалисти (ПЕС), кој во моментов е доминантна сила во рамките на СД со 128 од вкупно 140-те европратеници на групата на социјалдемократите.

ПЕС воедно побара од сите партии на актуелното мнозинство во свои „партиски декларации“ да искажат иста таква „формална и недвосмислена“ посветеност за несоработка со ЕЦР и ИД.

Една од трите водечки кандидати на либералната „Да ја обновиме Европа“ за Евроизборите, Валери Ајер, која доаѓа од редовите на партијата Ренесанса (РЕ) на францускиот претседател Емануел Макрон, исто така се изјасни против какви било договори или соработка со екстремната десница.

Според Ајер, доколку Фон дер Лајен сака да биде одново претседателка на Европската комисија, треба да знае дека „не треба да има врска и да не преговори со ЕЦР“. Ајер додаде и дека за разлика од ЕПП, тие ја сметаат италијанската премиерка Мелони за екстремен десничар.

И социјалдемократите и либералите се надеваат дека ЕПП ќе се реши за задржување на сегашното „традиционалното проевропско мнозинство“ во Европскиот парламент, во услови кога од редовите на десницата доаѓаат идеи за формирање нови мнозинство на партиите „десно од центарот“.

Во услови на очекуваните послаби изборни резултати на либералите и Зелените пројавуваат интерес за приклучување кон „проевропско мнозинство“, најавувајќи подготвеност да го поддржат реизборот на Фон дер Лајен на местото претседателка на ЕК, доколку остане доследна на амбициозната климатска агенда и се откаже од идејата за соработка со ЕЦР.

Можете да бидете сигурни дека доколку и ЕЦР е во купот, не само што нема да се приклучиме кон таквото мнозинство, туку ќе извршиме притисок истото да го направат и другите групи, изјави водечката кандидатка на Зелените за Евроизборите, Тери Рејнтке, кој воедно е и копретседател на зелената пратеничка група во Европскиот парламент.

Германскиот европратеник Даниел Каспари, кој е еден од лидерите во ЕП на матичната партија на Фон дер Лајен, Христијанско демократската унија (ЦДУ), призна дека мнозинството членки на ЕПП претпочитаат продолжување на досегашната соработка со социјалдемократите и либералите.

Сепак, според него, таа соработка треба да се базира на „реален пакет“ со кој ќе се признае дека ЕПП е најсилната група и тоа „да се рефлектира и во содржината на компромисите“ меѓу идните партнери.

При изборот на Фон дер Лајен на чело на ЕК во 2019 година таа „помина“ со мнозинство од само девет гласа и тоа благодарение на поддршката на пратениците на италијанското популистичко Движење Пет ѕвезди (М5С), кое не е член на ниту една групација, иако тогашното мнозинство на ЕПП, СД и либералите беше многу поголемо од она што се очекува по изборите во јуни годинава.

Во такви услови, според Каспари, ЕПП би требало „да биде отворена за алтернативи“ за обезбедување мнозинство со поддршка од некои „поумерени“ партии членки на ЕЦР, како ФДИ на Мелони или чешката Граѓанска демократска партија (ОДС).

Можна поддршка на реизборот на Фон дер Лајен најави и лидерот на чешката десничарска коалиција на партиите Слобода и директна демократија (СПД) и Граѓанско движење Тробојка (Триколора), Петр Мах. Мах, кој е поранешен европратеник, изјави дека би гласале за Фон дер Лајен доколку таа се согласи на повторно гласање за Зелениот договор и за Пактот за миграција и азил, иако, како што рече, не верува дека таа би прифатила нешто такво.

Мах, чија коалиција е членка на групата Идентитет и демократија (ИД), порача дека ќе се обидат да формираат силна групација во идниот состав на ЕП, која што „никој повеќе не ќе може да ја игнорира“. – Така, оние кои ќе бидат заинтересирани да станат европски комесари, ќе мора да разговараат со нас, порача Мах.

При промоцијата на својата кандидатура за реизбор на функцијата претседателка на ЕК на 21 февруари, Фон дер Лајен истакна дека е подготвена за соработка со која било сила што ги почитува трите „црвени линии“ – да биде проевропска, проукраинска и да го почитува принципот на владеењето на правото.

Таа, во друга прилика, меѓутоа истакна дека допрва треба да се види како ќе изгледа соодносот на силите во Европарламентот и не ја исклучи можноста некои партии членки на ЕЦР да преминат во редовите на ЕПП.

OhridNews