Студениот бран и значителното намалување на температурите го наметна и прашањето што со оние луѓе кои немаат кров над глава или пак живеат во лоши услови и немаат средства за да обезбедат греење.

Иако низ охридските улици може повремено да се забележат лица кои и на ниски температури лежат на клупи и тротоари, некои од нив барајќи пари од минувачите, официјално регистрирани бездомни лица нема.

Од општинскиот Црвен крст со апел до сите оние кои имаат потреба од  згрижување или топла облека да се обратат во нивните простории.

  • Засега нема пријавено случаи на бездомни лица. Минатата година имавме неколку кои се носеа во регионалниот пункт во Струга. Можеби гледаме на улица некои лица, но сите тие имаат некакво сместување, а не можеме да им понудиме доколу не се обратат кај нас, бидејќи за некои од нив тоа значи навреда. Оваа година доколу се пријават повторно ќе се згрижат во пунктот во Струга каде им се овозможува да преспијат и одржуваат лична хигиена, вели претседателот на општинскиот Црвен крст, Сашо Точков.

Од локалната самоуправа информираат дека во рамки на програмата за помош на социјално загрозените семејства, предвидени се и одвоени средства од буџетот за набавка и доделување на дрва за огрев.

  • Тендерот заврши, обезбедени се 112 метри кубни дрва за социјално загрозените граѓани. Со Македонски шуми е договорено и штом се издаде налогот треба да започне дистрибуцијата на дрва согласно списоците подготвени од Црвен крст Охрид, велат од локаната самоуправа. Оттаму додаваат дека за оваа категорија граѓани во наредниот период ќе има и социјални пакети, а продолжуваат и субвенциите за комуналните трошоци.

Во општина Охрид живеат околу 800 социјално загрозени семејства за кои зимата е особено тежок период.

Т.К.