Кон крајот на јануари или најдоцна во февруари ќе биде распишан меѓународен повик за јавно приватно партнерство за изградба на  регионална депонија во Југозападниот плански регион, со што ќе се реши проблемот со одлагање на сметот за 13 општини, меѓу кои се и Охрид и Струга.

Ова беше најавено на средбата на градоначалниците од Југозападниот плански регион со министерот за животна средина и просторно планирање, Неџати Јакупи, што денеска се одржа во Струга.

Депонијата ќе функционира по принципот на јавно приватно партнерство и целта е низ една транспарентна постапка да овозможиме на општините да формираат една легална депонија, истакна министерот Јакупи.


Се проценува дека регионалната депонија ќе чини околу 30 милиони евра, а најголемиот дел од инвестициите ќе бидат вложени во првите две години. Јавните комунални претпријатија ќе бидат опремени со специјални возила и садови за соодветен третман на отпадот.

Градоначалникот на Охрид Александар Петрески истакна дека согласност за изградбата на современа регионална депонија има од сите градоначалници и дека процедурата за избор на партрнер кој ќе инвестира во депонијата ќе отпочне многу скоро

-Во јануари треба да се донесат одлуки на ниво на совети на општини за изградба на регионална депонија и за реорганизавија на јавните комунални претпријатија, што нема да биде случај со Охрид, бидејќи општината веќе донесе одлука за трансформација на ЈП „Охридски Комуналец“, истакна Петрески.


Во опција за изградба на регионална депонија се пет локации: Арбиново, Мали Влај, Малесија, Делогожда и Мешеишта, истакна градоначалникот на Струга Рамиз Мерко. Конечната одлука каде ќе се гради регионалната депонија треба да биде донесена многу скоро, рече Мерко, според кого Арбиново – охридско, би можело да биде најдобро решение.

Со изградба на регионалната депонија трајно ќе се реши проблемот со одлагање на сметот во регионот и ќе се заштити животната средина во овој еколошки крај, сметаат градоначалниците, кои не очекуваат драстично зголемување на цените на услугите на јавните комунални претпријатија.

Ohridnews