Кога ќе им се даде шанса, младите луѓе можат да ги водат и реенергизираат своите заедници кон помирна, просперитетна, еднаква и позелена иднина за сите. Ова беше заклучокот од дискусиите на првиот ден од дводневната регионална конференција „Патеки до Mладите, мирот и безбедноста (YPS) и Жените, мирот и безбедноста (WPS): Регионални перспективи, искуства и знаење“, што се одржува во Охрид.

Локалните младински совети, на пример, се одлична алатка за имплементација на агендата за Млади, мир и безбедност на локално ниво. Тие се форма на соработка помеѓу младите луѓе и локалните носители на одлуки и го подобруваат младинското учество. Локалните младински совети можат да ги канализираат идеите на младите и да придонесат за попријателски политики кон младите, рече Игор Јосифоски, претседател на Младински совет Охрид.

Оваа конференција го означува почетокот на втората фаза од регионалниот заеднички проект на ОН „Млади за инклузија, еднаквост и доверба“, што се фокусира на зајакнување на младите луѓе, за тие да поттикнат позитивни промени и поголема социјална кохезија во општествата и заедниците во кои живеат низ целиот регион.

Едноставно не можеме да зборуваме за просперитет, еднаквост, вклученост и доверба, освен ако на секој млад човек и на секоја жена не им се дадат еднакви можности да го искористат својот целосен потенцијал. Кога ќе им се даде шанса, младите луѓе можат да придонесат да го водат патот напред. Затоа, од клучно значење е да се овластат да поттикнат локален одговор, обновувајќи ги и зајакнувајќи ги нивните заедници и земји за одржлив развој, вели Рита Колумбија, постојан координатор на ОН.

Оваа година се одбележува 10-годишнината од агендата за Mлади, мир и безбедност (YPS) и 25-годишнина од агендата за Жени, мир и безбедност – клучни пресвртници во унапредувањето на инклузивното градење мир и одржливиот развој. Целта на конференцијата е да се олесни меѓурегионалната размена на најдобри практики, искуства и знаења за спроведувањето на агендата на YPS/WPS.

Клучот за надминување на предизвиците со кои се соочуваат младите во регионот е да се инвестира во образованието и социјалната кохезија, а истовремено да се изгради доверба во институциите. Регионалните собири се добра платформа за размена на најдобри практики, искуства и знаења. Ќе бидеме среќни да извлечеме конструктивни заклучоци што исто така ќе влијаат на политиките во регионот, вели Ана Чернишова, заменичка на постојаниот претставник на УНДП.

Инаку, конференцијата има и цел да послужи како платформа за стратешка координација. Покрај седумдесет млади луѓе, претставници на младински совети, организации, присутни се и претставници на локалните и централните власти, на семејството на Обединетите нации (ОН), како и од други донатори и меѓународни организации.

OhridNews