Зајакнување на капацитетите на младите, подобрување на нивната благосостојба, нивно суштинско вклучување во креирањето на политиките и инклузија во општествените текови, се целите за кои се расправа на меѓународната конференција „Патишта до млади, мир и безбедност и жени, мир и безбедност: Регионални перспективи, искуства и знаења“ што во организација на Обединетите нации се одржува во денес и утре во Охрид.

На Конференцијата присуствуваат млади луѓе од регионот, претставници на централните и локалните власти, младински совети, здруженија и мрежи со цел истата да послужи како платформа за стратешка координација. Покрај младите луѓе, на конференцијата се присутни и претставници од семејството на Обединетите нации (ОН), како и од други донатори и меѓународни организации.

Конференцијата беше отворена од страна на Фатмир Лимани, Министер за социјална политика, демографија и млади, Рита Колумбија, Постојан координатор на ОН, Афродита Шаља, раководител на канцеларија на УНФПА и Ана Чернишова, заменичка на постојаниот претставник на УНДП.

Министерот Лимани истакна дека младите и жените се незаменливи столбови на позитивните промени во современото општество.

Преку Националната стрегија за млади 2023-2027 и Акцискиот план 2023-2025 Република Северна Македонија постави цврсти темели за интеграција на младите во сите аспекти на општествениот живот со посебен акцент на нивната улога во градењето на мирот и стабилност. Ние сме решени да ги продолжиме и интезивираме соработката со меѓународните партнери за реализација на глобалните цели за мир, безбедност и еднаквост. Ова не е само поддршка за младите и жените, туку наша обврска да бидеме активни учесници во решавањето на глобалните предизвици и во градењето на побезбеден и пообединет свет, посочи Лимани.

Рита Колумбија, постојан координатор на ОН, посочи дека оваа конференција нуди можност  младите луѓе од целиот регион да дојдат и да дискутираат за важноста на градење на мирот и социјалната вклученост, додавајќи дека овој регион е многу критичен за младите да бидат слушнати, активни и да учествуваат во социјалниот и економскиот развој на истиот.

Фондот за население при Обединетите нации ги зајакнува капацитетите на младите за да можат по суштински да учествуваат во креирањето на политиките, во искажувањето на нивните потреби, што е тоа што на младите им треба, секако и отчетноста на инстутициите кои треба да ги овоможат условите за тие да можат да дејствуваат и живеат, рече Афродита Шаља, раководител на канцеларија на УНФПА.

Во нашиот регион опаѓа процентот на млади и ние се соочуваме со предизвици коишто треба државите заедно со поддршката која ја имаат од другите партнери да ги претворат предизвиците во можности. Тоа значи младите да се вклучат и сите тие кои живеат тука да можат нивниот потенцијал да се реализира. Имаме во државата и поширокиот регион пад на стапката на фертилитет, зголема емиграција надвор од државата, но и голема миграција во самата држава од село во град, поради услугите и квалитетот на живот. Постојат стратешки документи кои ги дефиираат целите што младите ги имаат одредено каде сакаат да се движат, но постојат механизми и да различни нивоа, почнувајќи од најниско ниво, локално, додаде Шаља.

Ана Чернишова, заменичка на постојаниот претставник на УНДП посочи дека во моментов во светот има повеќе од 50 конфликти во кои учествуваат поеќе од 90 земји на Обединети нации и со тоа повеќе од 50% од младите се засегати од овие конфликти.

Токму затоа денес како ОН сме тука да зборуваме заедно со донесувачите на одлуки да ги откриеме оние причини од каде доаѓаат конфликтите како на пример економските проблеми, невработеноста, недостаток на социјална кохезија… Како УНДП остануваме посветени на работата за млади луѓе. Во последните 2 години инвестиравме повеќе од 2 милиони долари на активности за млади луѓе, потенцираше Чернишова.

Конференција го означува почетокот на втората фаза на заедничкиот регионален проект на ОН „Младите за инклузија, еднаквост и доверба“, кој се фокусира на овластување на младите да водат позитивни промени и да ја зајакнат социјалната кохезија во општествата и заедниците во кои живеат низ регионот.

На овој проект, заедно УНДП, УНФПА, УНЕСКО, UN Women и релевантни партнери од јавниот сектор, медиумите, граѓанското општество, академијата и културата работат со младите за зголемување на разбирањето и почитта кон различностите во регионот, финансиски поддржано од Фондот за мироградба на Генералниот секретар на ОН.

Н.С.Ј.