Регионалната депонија во Новаци се очекува да биде изградена до крајот на 2027 година, доцнат активностите, но сепак има интерес и на национално и локално ниво за воспоставување на регионалниот систем за управување со отпад. Од општините се очекува јакнење на меѓусебната соработка, формирање што поскоро заедничкото регионално претпријатие, како и зајакнување на капацитетите на локалните јавни комунални претпријатија. Во моментов се работат тендерските документации за набавки, како и проектниот дизајн за регионалната депонија и претоварните станици. Ова беше посочено на денешната одржана Панел дискусија на тема „Дивите депонии Буково и Мауцкер“ организирана од страна на иницијативата „Збогум Буково“.

Ѓоко Зороски од иницијативата „Збогум Буково“ истакна дека средствата преку кредит од Европската банка за обнова и развој се обезбедени, но се чека на подготвеноста на општините во Југозападниот и Пелагонискиот регион да се усогласат околку изградбата на целата инфраструктура, околу набавка на возила, изградба на претоварни станици и најбитниот елемент изградбата на регионалната депонија.

За жал, меѓу многу општини постои неусогласеност во самата брзина на подготовка и на документите и на самата инфраструктура. Некои од општините се понапред, некои поназад, некои воопшто не се ни почнати со овој процес. Главната задача на општините е да формираат меѓуопштинско јавно претпријатие кое ќе управува со целиот процес на управување со отпадот во Југозападниот и Пелагонискиот регион. Тоа претпријатие сеуште не е формирано, се доцни повеќе од 2 години и тоа е всушност една од иницијалните точки за да почнат работите да се одвиваат. Меѓутоа, за жал, тој процес не е започнат и токму тоа е и целта на нашата иницијатива се тоа што е забавено да го забрзаме, затоа што загадувањето е алармантно дали од депониите, дали во зимскиот период комбинирано и со загадувањето од греењето во домаќинствата. Навистина воздухот во Охридскиот регион е со многу лош квалитет, вели Зороски.

Ана Каранфилова Мазневска, раководител на Сектор за управување со отпад во Министерството за животна средина и просторно планирање посочи дека од заемот од 55 милиони евра 34 милиони евра се наменети за Југозападниот и Пелагонискиот плански регион за да овие два региони имаат заедничко регионално управување со отпад со една регионална депонија и 4 претоварни станици.

Една од претоварните станици ќе биде во Охрид на локацијата Мауцкер каде сега имаме и диво одлагање на отпад, меѓутоа предвидено е тука да се изгради претоварната станица. Овој проект предвидува набавка на возила, доекипирање на јавните комунални претпријатија по општините за да можат соодветно да го собираат отпадот, набавка на дополнителни канти за сува и мокра фракција, за задолжителна примарна селекција и затворање само на старата локација во Мегленци. Ќе се затвори само оваа депонија бидејќи толку средствата се обезбедени. Но, работиме на изнаоѓање на дополнителни средства за да можеме постепено да ги затвориме и сите други нестандардни депонии во овие два региона, истакна Каранфилова Мазневска.

Овие две години, вели, се работеше на подготовка на планската и тендерската документација, посочувајќи дека тендерите се при крај за набавките.

Мораме да имаме и надзор над градбата и на тоа се работи. Во моментов работиме на проектниот дизајн за изградба на регионалната депонија и претоварните станици и очекуваме во првата половина од наредната година и тој тендер да биде објавен. До крајот на 2027 година, што не е многу оптимистички, може да бидат изградени овие инсталации и да почне со работа регионалната депонија во Новаци. Со средства од ЈПДП ќе се гради обиколниот пат до регионалната депонија, паралелно ќе се гради со другите работи. За затворањето на сите депонии во моментов немаме средства, ќе треба со заеднички сили и општините и Владата да бараме дополнителни, за можеме да ги затвориме прописно, додаде.

Точно е дека доцнат сите активности со регионалниот систем за управување со отпад, бидејќи идејата постои веќе 15 години, но дури последниве години почна да се забрзува и добро е што веќе има интерес и на национлано ниво и кај локалната самоуправа, вели Емил Ангелов, проектен координатор на САЛАР Интернационал.

Целта наша преку проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“ е да го направиме тоа што не е направено долго време, односно да ги подготвиме и општините и комуналните претпријатија во двата региона да ги сменат праксите и да ги подготвиме за одржливо управување со отпадот. Треба да се селектира отпадот и ние веќе почнавме со селекција на отпад во шест пилот општини. Работиме и на изградба на собирни центри за отпад кои се законска обврска на сите општини со над 30 илјади жители во земјава. Се ова се елементи кои придонесуваат за намалување на отпадот кој ќе заврши на регионалната депонија. Целта ни е тоа, да го минимизираме отпадот. Во нашава земја отпадот што се селектира и рециклира е на ниво на статистичка грешка. Ние депонираме 99% од отпадот што го собираме. А за споредба во Словенија е под 10%, во Шведска под 1%, потенцира Ангелов.

Следниот чекор, истакнува дека ќе биде намалување на создадениот отпад, но за тоа треба сериозни напори и добра комуникација и координација помеѓу министерствата, локалната самоуправа, идустријата и производителите.

Н.С.Ј.