Постапката за изградбата на регионална депонија во Југозападниот плански регион во кој спаѓаат и општините Охрид и Струга, ќе започне идниот месец, најави министарот за животна средина и просторно планирање, Неџати Јакупи.

-Ги финализираме постапките околу објавувањето на тендерот за издавање под концесија на регионалната депонија и воспоставување интегрален систем за управување со комуналниот отпад. Според динамиката како што се одвиваат работите, очекувам дека во текот на првата седмица на мај да биде објавен тендерот, истакна министерот Јакупи.

Тој вчера во Струга  оствари средба со градоначалниците на општините од Југозападниот плански регион, посветена на условите за издавање под концесија на финансирање, проектирање, изградба и управување со идната регионална комунална депонија, чија изградба е предвидено да ги реши проблемите со отпадот од општините што гравитираат во тој дел на Македонија.

Најавите се дека регионалната депонија за која тринаесетте општини од регионот решение бараат со години, ќе функционира по принципот на јавно приватно партнерство.

– Постои голем интерес кај странски компании за инвестирање во овој бизнис, бидејќи за инвестиции во овој сектор имаат на располагање поволни кредити од државите од кои доаѓаат, а исто така од фондовите во Европската унија, како грантови така и т.н. „зелени“ кредити, рече Јакупи, кој подвлече дека локацијата на регионалната депонија ќе биде одредена во текот на самата постапка за концесионирање.


Министерот за животна средина и просторно планирање, Неџати Јакупи, денеска во Струга присуствува на Годишната средба на здруженијата на граѓани кои делуваат во областа животна средина,  која има за цел размена на информации и искуства за активности од изминатата година, помеѓу претставниците на граѓанските здруженија кои делуваат во областа животна средина и претставниците на МЖСПП, како и договор за понатамошно заедничко делување.

OhridNews