Регионален настан „Дијалози за работата на полицијата во заедницата“ кој ќе го обедини Југозападниот плански регион ќе се одржи денес во 11 часот, во општинската сала во Општина Охрид во организација на Евротинк-Центарот за европски стратегии.

На настанот ќе учествуваат претставници на локалната полиција, локални новинари, претставници од администрациите на локалните самоуправи, граѓански организации. Настанот ќе биде отворен и за локалните граѓани, кои ќе можат со свои размислувања и предлози да се вклучат во дискусијата, информираат.

Дискусијата има за цел разгледување на поголемите предизвици со транспарентноста и отчетноста на полицијата во локалните заедници, со учество на локалните засегнати страни, преку комуникација со различни цивилни локални и национални актери, но и полициски структури. Дискусијата треба да резултира во предлагање практични решенија и препораки, како и подигнување на свеста на различните засегнати страни околу потребите и предизвиците на демократското полициско работење. Крајната цел е да се одговори на потребата од зголемен дијалог и комуникација кои би придонеле кон подобрени јавни политики во работа на полицијата, а во соработка со граѓаните, потенцираат од Евротинк.

Настанот е во рамки на проектот „Подобрување на транспарентноста и отчетноста на полицијата во Република Северна Македонија“ за чие спроведување Евротинк потпиша Меморандум за соработка со Министерството за внатрешни работи. Во рамки на проектот ќе се одржат регионални дискусии во сите плански региони во државата.

OhridNews