Од идната учебна година средното стручно образование ќе биде комплетно реформирано и покрај тригодишно и четиригодишно, ќе има и едногодишно, двегодишно и постсредно образование.

Досега имаше само тригодишно и четиригодишно средно стручно образование. Според законот, има можност и за едногодишно и двегодишно образование, но досега тие беа само на хартија зашто немаше концепции што ќе овозможат нивна примена.

Стручното образование до две години ќе им овозможи на  сите кои сакаат да работат да имаат минимална обученост. Концепциите за тој степен на образование  предвидуваат струки од пониско ниво, поврзани со физички труд или работа покрај машини или во погон. На овој начин се  задоволува и законската обврска за задолжително средно образование. 

Се предлага и концепција за целосно реформирање на тригодишното средно стручно зашто тоа го налага новото време и развојот на технологијата.

Новина во средното стручно ќе биде постсредното образование.  Од Министерството за образование тоа се објаснува како систем кој се наоѓа меѓу средното образование и универзитетите и кој треба да врши прилагодување на знаењата и вештините на оние кои стекнале средно образование, меѓутоа поминал одреден период, или, пак, сакаат да стекнат повисоко ниво на квалификации за да можат да се вклучат на пазарот на трудот.

OhridNews