Референдумот за зачувување на ликот на Градскиот трговски центар во Скопје, не успеа да ја постигне потребната излезност од половина од вкупниот број запишани избирачи. Како што соопшти невладината „МОСТ“, до 19 часот на референдумот што го организираше општина Центар излегле 40,48% отсто од запишаните избирачи.
„При спроведувањето на активностите за организирање на референдумот се покажа дека е потребно усогласување на Законот за референдум и граѓанска иницијатива со Изборниот законик во однос на формирањето на избирачките одбори, рокот за вршење на увид во Избирачкиот список, како и заштитата на избирачкото право.
Фактот што Избирачкиот список се уште не е проверен и прочистен, како и податокот дека во општина Центар постојат адреси на кои се регистрирани по неколку десетици избирачи може да остави простор за одредено ниво на сомнеж во резултатите за одѕивот на граѓаните.
Во текот на денот најчести проблеми за кои известуваа нашите набљудувачи беа погрешно откинување на гласачките ливчиња, како и граѓани кои не можеа да се пронајдат во Избирачкиот список. На дел од гласачките места ова создаде конфузија кај граѓаните. При крајот на денот на гласањето пред ОУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ биле забележани лица кои ги евидентирале гласачите, а дел од нив и ги одвратиле од гласање. Била повикана полиција која ги отстранила лицата од пред училиштето.“ – соопшти „МОСТ“.
Според обработените податоци од 100% од гласачките места, резултатите од гласањето се следни: 16 807 или 96,28% гласале „ЗА“, а 649 или 3,72% гласале „ПРОТИВ“ референдумското прашање.
Во изјава за медиумите, вечерва, градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски обвини за притисоците на власта, особено врз јавната администрација. -Повторно имаше исклучени лифтови, повторно имаше преместување на граѓаните на различни избирачки места и лица избришани од избирачкиот список. Но и покрај ова имаме фрапантен резултат. Над 95% од излезените граѓани гласале за зачувавуње на автентичноста на ГТЦ и дека барокот не поминува.-рече Жерновски, додавајќи дека битката за ГТЦ нема да заврши тука.
OhridNews