Исклучително редок златник од 1787 година бил продаден минатиот петок на аукција во Њу Орлеанс за 7,4 милиони долари, што е една од највисоките цени која ја достигнал некој златник. Златникот го купила неименувана инвестициона компанија од Волстрит. Настанал во ковачницата на Ефрем Брејсер, златар и сосед на Џорџ Вашингтон. Монетата содржела 26,66 грама злато. Била нешто помала од монетата со апоен 50 центи, но била потешка. Првобитно чинела 15 долари, а неговата вредност во злато денес изнесувала повеќе од 1500 долари.
Бил наречен дублон поради сличноста со шпанскиот златен дублон кој често се користел во колонијална Америка. Дублонот на Брејсер се смета за прв американски златник со доларска деноминација. Американската ковачница во Филаделфија почнала да прави монети дури во 1790 година, а дотогаш во оптег биле различни странски монети. Реткиот златник за време на лицитацијата во Њу Орлеанс бил изложен во затворена витрина која ја чувале три вооружени стражари. Сите лифтови кои воделе до аукциската сала биле запрени, а сите врати во просторијата заклучени. Истиот златник последен пат бил на аукција во 2004 година кога бил продаден за три милиони долари.