Забрзан економски раст преку дигитализација, конкурентност, користење на потенцијалот на дијаспората. Ова беше кажано на денешната прес – конференција на организацијата „Македонија 2025″, на која беше презентирана платформата за постигнување забрзан економски раст. Документот организацијата ќе им го претстави на релевантните чинители во општеството во пресрет на претстојните избори. Целта е просперитет и повисок животен стандард, што помалку луѓе да се иселуваат.
Сакаме да се фокусираме на областите каде што можеме да помогнеме. Тоа е нашата визија, ние како организација сме спремни да ги вложиме сите капацитети. Човечки и финансиски ресурси, контакти, знаења и слично, за да направиме вистински напредок во овие области, рече извршната директорка на „Македонија 2025″, Никица Мојсовска – Блажевски.
Ѓорѓе Војновиќ, член на Одборот на директори, говореше за основите на визијата за забрзан економски раст. Тој рече дека визијата за просперитет вклучува нулта толеранција кон корупција преку транспарентност и систем на вредности и лична одговорност, ефикасна јавна администрација, континуиран раст на БДП над пет отсто годишно, нови инвестиции во образованието што е многу битно, реформи за побрз раст на бизнисите, поддршка на извозот, сведување до минимум на сивата економија. Заменик претседателот на Одборот на директори на организацијата, Васко Кроневски,пак, го претстави делот на мерки поврзани со дигитализацијата.
Поразително е, ако ги издвоиме големите компании, средните и малите, кај малите компании, само една од четири, има ваков дигитален потенцијал. Останатите воопшто не се вклучени во сето ова и не се ни свесни за придобивките од дигитализацијата, нагласи Кроневски.
Виктор Мизо, член на Одборот на директори, се задржа на тоа како да се привлечат повеќе странски инвестиции, покрај развојот на домашните компании потенцирајќи дека потребно е да се има стратегија за македонските предности пред други земји, за инвестирање, но и навистина да биде воведен едношалтерскиот систем.
Кога се зборува за зголемување на конкурентноста, не правиме дистинкција дали тоа значи зголемување на конкурентноста на домашните компании и за странските компании. Сите оние компании кои работат овде треба на еден или друг начин да ги помогнеме, да ја подобриме бизнис регулативата, да го намалиме бирократскиот административен товар и без разлика дали е тоа дигитализација или се тоа сите тие начини на оптимизирање на сите оние процеси кои на еден или друг начин влијаат врз намалување на конкурентноста но, истовремено како нашите компании можат релативно брзо и успешно да ги задоволат сите оние предизвици врз основа на нивната работа и конкурентност пред се во Европа, нагласи Мизо.
Дополнително важно, потенцираше, е што како „Македонија 2025“ сака да помогнат е воведување на нов начин односно Стратегија за странски дирекни инвестиции.
Оваа Статегија значи пред се да анализираме кои се оние конкурентни вредности кои Македонија ги нуди, што е тоа што го нудиме од гледна точка на локации, потоа треба да навлеземе во секторска анализа, длабински да размислиме за кои неколку сектори ние како мала држава имаме можност да претставиме можности за инвестирање во нашата држава визави конкуренцијата. И во конкуренцијата сеопфатно да анлизираме што се случува во земјите во Западниот Балкан, во земјите од Источна и Централна Европа, во земјите од Северна Африка. Сите овие земји се конкурентни, бидејќи сите тие држави на еден или друг начин работат на привлекување инвестиции. Целиот процес на се тоа што се случува во глобалните геополитички и геостратешки системи, посебно изминатите две години, но и тоа што значи позиционирање визави Кина, на кој начин ние како држава можеме активно да придонесеме и да добиеме од тој колач, бидејќи гледаме дека се повеќе и повеќе има репозиционирање во тој процес на инвестирање.
Дополнително, треба да се направи, вели Мизо, еден редизајн на мерките и стимулациите кои во моментов ги добиваат компаниите и да се земе во обѕир што значи новиот глобален данок од 15% и како тоа ќе ги афектира можностите на државата да даде различни видови на даночни ослободувања или како да ги дизајнира своите политики од гледна точка на субвенциите кои се нудат.
Многу е важно во таа сеопфатна Стратегија да се направи една професионализација на институциите кои се поврзани со привлекување на странски инвестиции. Професионализација на кадарот, да има експертски поставени луѓе кои имаат соодветно искуство од секторите кои ние сакаме да ги привлечеме. Потребно е и реорганизација и оптимизација на сите институции и да се воведе една институција која ќе е задолжена за привлекување на странски инвестиции бидејќи еден подолг период имаме еден паралелизам во целиот тој процес и тоа креира еден вид двоумење на странските компании кон кого точно треба да се обратат. И на крај сето тоа што е секторски направено на кој начин тука локално ќе им помогнеме на постоечките инвеститори. Едношалтерскиот систем навистина да биде воведен за да претставува една помош и асистенција од страна на државата, на кој начин најлесно и најефикасно компаниите кои доаѓаат кај нас ќе се справат со сите административни пречки кои постојат и како ќе им се помогне да бидат ефикасни и конкурентни, бидејќи на тој начин не само што ќе креираме дополнителни инвестиции и нови работни места, но тоа ќе бидат и работни места со повисока додадена вредност и на тој начин ќе допринесеме кон оној раст кој ние сметаме дека е неопходен на БДП од минимум 5% на годишно ниво, додаде Мизо.
Околу мерките за зголемување на конкурентноста, говореше членот на Одборот, Живко Мукаетов. Истакна дека извозот е многу важен, за една земја со многу успешни приказни кои треба да се раскажат. Тој рече дека се потребни инвестиции во истражување, развој, нови технологии, еколошки стандарди, препознатливост, да се успее да се создаде додадена вредност. Мукаетов изрази спремност да ги пренесат ресурсите и позитивните искуства на „Алкалоид”, на останати компании, за тие компании да остварат поголем извоз.
Македонската економија веќе подолг период е во сенка, за жал, на политичките збиднувања. А за подобар стандард, посветла иднина, сите треба да пружиме стабилност, нагласи Мукаетов.
Тој порача да си го цениме тоа што го имаме тука, да се посвети повеќе внимание на домашното производство, на сопственото знаење и што е многу важно, да се верува во себе.
Боријан Борозанов, најновиот член на Одборот, ги претстави односите со дијаспората.
Сите ќе се согласиме дека градење на релациите со нашите иселеници е државен интерес, нагласи тој, информирајќи дека се предлагаат мерки што треба да ги засилат тие релации.
Борозанов нагласи дека со олеснување на административни процедури треба да се овозможат инвестиции во државата од која се потекнува и развој на туризмот.
Преку видео обраќање, се обрати коосновачот на „Македонија 2025″, Мајк Зафировски.
Мора сите заеднички да работиме за иднината, порача тој, подвлекувајќи дека ќе се лобира за земјава.
Следуваат состаноци со политичките партии, академската заедница, бизнис асоцијациите, за да има сплотување, како што беше кажано на прес конференцијата, околу оваа визија.
OhridNews
фото. МИА