Повеќе од 6,5 милиони луѓе во Украина беа принудени да ги напуштат своите домови и да се преселат во други делови на земјата поради избувнувањето на војната досега. Ова е оценката на новиот извештај објавен од Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања.

Ако на ова се додадат 3,3 милиони кои веќе побегнале од Украина, земјата со 44 милиони жители, бројот на раселени е речиси четвртина од сите.

Уште 12 милиони не можат да ги напуштат подрачјата директно погодени поради безбедносни ризици. Уништените патишта и мостови или неможноста да се добијат информации каде ќе бидат безбедни се исто така фактор.

Во Полска повеќе од два милиона бегалци од Украина

Од почетокот на војната во Украина од оваа земја во Полска побегнале околу 2.057.114 лица, соопшти синоќа полската гранична полиција.

Во саботата границата ја минале 23.200 луѓе, објави на Твитер полската гранична служба, што е за 2,1 отсто повеќе од петокот.

Дел од пристигнатите во изминатите три недели веќе ја напуштиле Полска, а според проценките на експертите за миграција од Универзитетот во Варшава, во оваа земја остануваат уште најмалку 1,1 милион украински бегалци.

Повеќето од нив се упатиле кон големите градови, главно Варшава и Краков, чии официјални лица изјавија дека го достигнале максималниот капацитет за нивен прием, јави Би-Би-Си.

OhridNews