Речиси двојно поголем број оздравени пациенти – 544 од новодијагностицирани – 336 (од вкупно направени 1181 тестирање) се евидентирани во извештајот за состојбата со Ковид-19 на Министерството за здравство за изминати 24 часа. Но, и натаму е висок бројот на починати пациенти, кој изнесува 32.

Според министерот за здравство Венко Филипче, мерките кои Комисијата за заразни болести ги донесе даваат резултат и бројката на хоспитализации се стабилизира.

Се надеваме дека овој тренд ќе продолжи. Очекуваме во наредиот период да има повеќе испишани отколку примени пациенти. На инфективните оддели има се повеќе слободни места. Ја следиме состојбата од ден на ден и подготвени сме за секое сценарио. Доколку овие прогнози не се остварат, имаме на располагање и нови оддели и дополнителни болнички капацитети подготвени да се отворат, рече Филипче по вчерашниот состанок со директорите на ковид – центрите во комплексот „Мајка Тереза“.

На состанокот била разгледана состојбата со бројот на хоспитализирани и слободни места по инфективните одделенија и по направените анализи било заклучено дека минатата недела е достигнато платото по бројот на хоспитализирани пациенти и веќе има благ пад на бројот на хоспитализирани на дневно ниво.

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот, кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава, е 1296 и има колку 175 празни болнички кревети во ковид-центрите.