Речиси 90 смртни случаи поврзани со временските услови се пријавени низ САД по жестоките зимски бури што ја зафатија земјата минатата недела.

Најмалку 25 луѓе загинаа во Тенеси и 16 во Орегон, каде што останува во сила вонредната состојба по силните ледени бури.

Десетици илјади луѓе останаа без струја, меѓу кои 10.000 жители во Орегон, 8.000 во Северна Каролина, 7.000 во Калифорнија и 4.300 во Кентаки, јавува Би-Би-Си.

Иако бројот на смртни случаи е најголем во Тенеси и Орегон, смртни случаи се пријавени и во Илиноис, Пенсилванија, Мисисипи, Вашингтон, Кентаки, Висконсин, Њујорк, Њу Џерси и на други места.

Минатата недела во Портланд три лица настрадаа од струен удар кога на нивниот автомобил паднал далновод поради силниот ветер.

Пет лица, повеќето бездомници, починаа во Сиетл во текот на четири дена поради зимски услови. Според метеоролозите ледениот бран се очекува да продолжи до средината на неделата.

OhridNews

фото. МИА/ЕПА