Во Агенцијата за вработување на РСМ-Центар за вработување Охрид, заклучно со месец мај 2020, евидентирани се 3409 невработени лица – активни баратели на работа. Во периодот од 11.03.2020 година до 31.05.2020 година, во Центар за вработување Охрид, со статус на невработени лица се стекнале 799 лица, од кои по основ на прилив од работен однос, а за кои претходно имало регистрирана пријава во задолжително социјално осигурување, со статус на невработени лица се стекнало 601 лице, информира Агенцијата за вработување.

Над 600 охриѓани останале без работа од почетокот на корона кризата

Невработените лица на кои им престанал работниот однос имаат право да поднесат барање за остварување право на паричен надоместок по два основа.

Првиот основ се однесува на правото на паричен надоместок во случај на невработеност кое е регулирано со Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност, покрај условот за минимум времетраење на работниот однос од најмалку 9 месеци непрекинато или 12 месеци со прекин во последните 18 месеци пред престанокот на работниот однос, другиот критериум се однесува на основот на престанок на работниот однос.

Во законот се наведени основите на престанок на работен однос кои влијаат на остварување на правото на паричен надоместок, односно поради кои невработеното лице не може да го оствари правото на паричен надоместок. Така, на пример, за работен однос на определено време, невработеното лице може да оствари право на паричен надоместок доколку престанокот на работниот однос е поради истек на времетраењето за кое е склучен договор за вработување, додека пак за работен однос на неопределено време невработеното лице може да оствари право на паричен надоместок доколку престанокот на работниот однос е поради деловни причини, односно технолошки вишок или стечај. Висината на месечниот паричен надоместок за време на невработеност се утврдува врз основа на пресметаните и исплатени плати кај работодавачот и изнесува 50% од просечната месечна нето плата на работникот за последните 24 месеца за лице кое има право на паричен надоместок до 12 месеца, а за лице кое има право на паричен надоместок подолго од 12 месеца, паричниот надоместок за првите 12 месеца изнесува 50% од просечната месечна нето плата на работникот за последните 24 месеца, а за преостанатото време 40% од просечната месечна нето плата. –  објаснуваат од Агенцијата за вработување.

Вториот основ е уреден со Уредба со законска сила, која ја донесе Владата, а се однесува на невработените лица на кои работниот однос им престанал во периодот 11.03 – 30.04.2020 година, независно од времето поминато во работен однос. Според оваа Уредба, невработеното лице може да оствари право на паричен надоместок во висина од 50% од неговата месечна нето плата исплатена за последниот месец, но не повеќе од 80% од просечната месечна нето плата по работник во државата, објавена за последниот месец, во случај кога работниот однос му престанал со давање на писмена изјава од страна на работникот, спогодбено му престанал работниот однос или работниот однос му престанал со отказ од страна на работодавачот, за времетраење од два месеци, сметано од престанокот на работниот однос, истакнуваат од Агенцијата за вработување.

Невработените лица на кои им престанал работниот однос имаат право да поднесат барање за остварување право на паричен надоместок по два основа

Евидентирани невработени лица кои биле активни баратели на работа заклучно со 22.05.2020 година, ќе бидат опфатени и со владината уредба за издавање платежни картички за купување македонски производи. Листата на корисници што ќе ја изготви УЈП, ќе биде објавена на веб-страната www.kupuvamdomasno.gov.mk. Уредбата не предвидува поднесување на барање во Агенцијата за вработување, која не е надлежна за одлучување и издавање на платежните картички, посочуваат од институцијата.

Агенцијата за вработување продолжува да ги спроведува активните програми и мерки за вработување. Заинтересираните невработени лица и работодавачи аплицираат за учество во повеќе програми, меѓу кои најголем е интересот за учество во Субвенционирање на плати, Практикантство, а деновиве распишавме огласи за учество во обуки за напредни ИТ вештини, кои се наменети за младите невработени лица. Младинската гаранција продолжува успешно да се спроведува во овој период, при што успешноста на истата во периодот 01.01-04.06.2020 година изнесува 30%, додека во периодот од 11.03-04.06.2020 година, успешноста е 21%. Ова покажува дека младите лица, и покрај сите околности, изнаоѓаат начини за успешно справување со целокупната состојба. – велат од Агенцијата за вработување.

Од Агенцијата за вработување го посочуваат и Законот за младински додаток, според кој на секое младо лице до 23-годишна возраст се исплаќаат 3.000 денари по лице месечно за полно работно време во производствената дејност. Во изминатите 5 месеци, правото на младинскиот додаток го искористиле 3061 младо лице и досега се исплатени вкупно 45,4 милиони денари.

Г.М.