Бројот на загинатите во големиот земјотрес што го погоди Мароко на 8 септември се искачи на 2.479, соопштија мароканските власти.
Во меѓувреме Европска Унија и Кина најавија помош за справување со последиците од земјотресот. ЕУ најави помош во висина од еден милион евра, додека Пекинг вети помош од 200.000 долари.
Мароко вчера соопшти дека прифатил помош од четири држави, додека многу други земји исто така потврдија дека се подготвени да испратат помош. Мароканското Министерство за внатрешни работи соопшти дека „во оваа фаза“ позитивно е одговорено на понудите од Шпанија, Велика Британија, Катар и Обединетите Арапски Емирати „да испратат тимови за пребарување и спасување“, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Мароко не побара помош од Франција и покрај тоа што властите во Париз истакнаа дека се подготвени да помогнат“. Мароканските власти сè уште не објасниле зошто не побарале помош од Франција.
Мароко е поранешна француска колонија, која беше под контрола на Париз од 1912 до 1956 година, но сега главната точка на несогласување е спорот за Западна Сахара. Мароко сака Франција да го признае нејзиниот суверенитет над областа.
Рабат не е задоволен од тоа што Париз ги подобри односите со Алжир, главниот ривал на Мароко и уште една поранешна француска колонија.
Односите помеѓу двете земји дополнително се влошија на почетокот од годината по повлекувањето на амбасадорот во Париз, откако ЕУ го осуди кршењето на човековите права во Мароко.
OhridNews
фото. МИА