Владата го донесе ребалансот на буџетот за 2020 година чија цел е да ги финансира мерките за надминување на последиците од КОВИД-19 кризата и да го забрза процесот на опоравување на економијата, изјави министерката за финансии Нина Ангеловска. Според неа, новите мерки и активности ќе бидат катализатор, забрзувач на процесите во периодот на опоравување, кој треба да започне во третото тримесечје, а да се интензивира во четвртото тримесечје.

Приходната страна на буџетот со ребалансот се намалува за 11,5% и истата изнесува 196,8 милијарди денари, додека расходната страна се зголемува за 1,4% и истата изнесува 242,9 милијарди денари. Буџетскиот дефицит е проектиран на 6,8% и е во линија со проекцијата на Европската комисија.

Се проектираат дополнителни 3 милијарди денари на КОВИД програмата во Влада за спроведување на таргетирани мерки за стимулирање на приватната потрошувачка на граѓаните со фокус на домашната економија и поддршка на приватниот сектор и на работниците во фазата на опоравување на економијата. Дополнителни 600 милиони денари за програмата КОВИД во Министерство за економија се наменети за мерки за поддршка на приватната потрошувачка на граѓаните и домашниот македонски туристички сектор. За социјална заштита поврзана со ефектите од КОВИД-19 се распоредуваат 350 милиони денари, а исто толку и за Фондот за здравство. За Министерство за здравство за зајакнување на здравствените капацитети за откривање на болести преку обезбедување на техничка експертиза, лабораториска опрема и системи за откривање на случаи во согласност со упатствата на СЗО и операционализација на дополнителни легла се предвидени 300 милиони денари. – рече Ангеловска.

Нина Ангеловска – Министерка за финансии

Со ребалансот за Министерството за образование се обезбедени дополнителни 350 милиони денари во КОВИД програмата со цел поддршка на младите и студентите со фокус кон ИТ и дигитални вештини. Алоцирани се и 150 милиони денари за исплата на надомест за невработеност во Агенцијата за вработување и 60 милиони денари за национално кофинансирање за нова кредитна линија за фазата на опоравување преку националната Развојна банка. Исто така обезбедена е и нова кредитна линија од 60 милиони денари со пониска камата.

Со ребалансот намаливме-односно ги релоциравме дополнителни 700 милиони денари со што капиталните расходи, кои се задржани на ниво од 19.5 милијарди денари, што е всушност на ниво на максимално реализирани капитални расходи во изминатите 10 години. Реализацијата на истите во време на оваа криза ќе одигра значајна улога во амортизирање на ударот врз економијата. – рече Ангеловска.

Финансирањето на буџетскиот дефицит ќе се сервисира со поволни средства од меѓународни финансиски институции, повлекување на средства на домашен пазар преку државни хартии од вредност, како и со излегување со еврообврзница на меѓународниот пазар на капитал. Очекувањата за економскиот раст се -3,4%.

Третиот сет на мерки, кој е насочен кон потрошувачката на домашно, кон поттикнување на ревитализацијата на економијата ќе одигра клучна улога во крајниот економски резултат. Фундаментите се поставени и сега ќе зависи од нас институциите, но и од сите нас заедно граѓаните, стопанството, да го фатиме моментумот на отворање на економијата и максимално да го искористиме. – истакна министерката Ангеловска.

OhridNews