Во текот на оваа година, НУ Библиотека „Григор Прличев“ Охрид успешно ги реализира зацртаните проекти кои претходно беа одобрени од Министерството за култура на Република Македонија. Меѓу нив се организација на традиционалните „Прличеви беседи“, проектот „Охридски џган – хроника на едно време“, збогатување на книжевниот фонд со најновите монографски и сериски публикации, обнова на лектирните изданија, проект за заштита на книжевниот фонд и негова ревизија, како и автоматизација на библотечни процеси.
Директорката на НУ Библиотека „Григор Прличев“ Охрид, Александра Белеска, изрази задоволство од успешно реализираните проекти кои беа приоритет на оваа установа за оваа 2013-та година.
„Во текот на минатата година аплициравме со одредени проекти кои ни беа одобрени од Министерството за култура, за кои бевме обврзани во тековната година да ги реализираме. На повеќе наврати во оваа 2013-та книжевниот фонд на библиотеката се зботати, а редовно ги следевме издавачките продукции и постојано набавувавме монографски и сериски публикации со што ги задоволивме потребите на читателите, било да е белетристика или стручна литература од областа на филозофија, економија, историја на уметност и слично. Три пати во текот на оваа година успеавме да ги обновиме лектирните изданија наменети за учениците.“ – вели Белеска.
Како што потенцира Белеска, проектот за заштита на книжевниот фонд и библиотечните добра има за цел да го зголеми векот на траење на книгите преку нивна заштита и обезбедување соодветни услови во просториите на установата.
„Сите изданија кои се во книжна форма мора да ги чиваме на температура до 14 до 18 степени целзиусови и на одредена влажност од 55 до 60 отсто. Овие услови библиотеката ги задоволува, а морам да напоменам дека сите простории во кои се чуваат книгите се соодветно климатизирани.“ – потенцира Белеска.
Во текот на летниот период, оваа установа заврши со попишување на книжевниот фонд наменет за издавање на читателите, со цел добивање точни податоци за општата состојба, квалитетот и квантитетот на библиотечните добра. Како што истакнува Белеска, ревизијата се уште трае на оние книги кои се наоѓаат во прличевата одаја, односно на делата кои се наоѓаат во родокрајното одделение.
„Сите книги се исчистија и попишаа и на тој начин добивме податоци за општата состојба на книжевниот фонд. Од практичен аспект увидовме кои книги се најбарани и кои треба да одат понапред на полиците за да бидат поблиску и подостапни за читателите, а кои да одат во депо.“ – истакнува Белеска.
Покрај овие, реализиран е проектот автоматазација на библотечни процеси, за кој Белеска објаснува дека е доста значаен за стручно оспособување на кадарот вработен во оваа установа.
„Проект реализиран во соработка со Нациналната универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ од Скопје во рамките на програмата за стручно оспособување на библиoтекарскиот кадар. Сите вработени беа обврзани во тековната година да изодат одредени обуки кои ги оргнизираше гореспоемнатата универзитетска библиотека, а ги финансираше самото Министерство за култура. Сите овие обуки ги изодев и јас со намера да имам подобра контрола врза работењето во оваа установа.“ – објаснува Белеска.
За идната година, спремени се низа проекти кои треба да бидат доставени до Министерството за култура на Република Македонија со цел да истите да бидат одобрени и реализирани во 2014-та година.
O.T.