ТАВ Македонија, утринава во 5 часот и 48 минути, со воден мост во форма на виножито го пречека првиот лет од Софија на бугарската авиокомпанија GullivAir на Меѓународниот Аеродром Скопје.

Со авион од типот ATR 72 – 600 , којшто може да превезе 70 патници, авиокомпанијата го имаше својот прв редовен лет на Меѓународниот Аеродром Скопје, означувајќи го почетокот на нивното официјално комерцијално работење на македонскиот пазар.

Како ТАВ возбудени сме да го одбележиме и прославиме влезот на GullivAir на македонскиот пазар, со денешниот лет на новата авиолинија од Софија до Скопје.

Македонскиот главен град ќе биде поврзан со бугарскиот главен град, со авиолинија, два пати неделно, секоја сабота и секој понеделник, од денес, 26-ти март. Авиокомпанијата ќе сообраќа до Меѓународниот Аеродром Скопје првпат, па така можеме да ја додадеме GullivAir како нова авиокомпанија, а летовите на релација Софија-Скопје-Софија како нова авиолинија во портфолиото на Меѓународниот Аеродром Скопје и во портфолиото на македонскиот воздухопловен пазар воопшто, по подолг период. Среќни сме што авиокомпанијата почна да лета до и од скопскиот аеродром и покрај тековната криза со ковид-пандемијата. Авиолинијата Софија-Скопје-Софија сега ги поврзува двата главни града за само 30 минути. Веруваме дека оваа авиолинија има огромен потенцијал, како и за туристички, така и за деловни патувања. Оваа авиоконекција ќе придонесе не само за развојот на македонското воздухопловство, туку и за економската соработка меѓу двете земји, изјави Метин Батак, генерален директор на ТАВ Македонија.

Од ТАВ Македонија истакнаа дека оваа нова авиолинија ќе овозможи на патниците и од Македонија и од Бугарија да уживаат и да ги откријат убавините на двата града – живописните градски паркови на Софија или центарот на градот, или богатите културни знаменитости на Скопје и шармантните природни локалитети.

Портфолиото на редовни летови на GullivAir сега се зголемува до 3 нови авиолинии (Бургас, Скопје, Тирана), додека во средината на летото очекуваме да ги претставиме нашите нови редовни прекуокеански летови до Њујорк и Њу Делхи. Ова ќе им овозможи на граѓаните на Северна Македонија и нивните гости да истражуваат нови дестинации кои се достапни само со лет од 30 минути до Софија и поврзување со Црното Море – или до аеродромот во Бургас. Летовите на релација Софија-Скопје ќе летаат два пати неделно, или понеделник и сабота, со авион со 70 седишта во економска класа. Летот ќе трае само 30 минути, со што се создава погодна врска меѓу двата главни града, на кои во последните 15 години им недостигаше директна воздушна линија, изјави Георги Колев, извршен директор на GullivAir.

Резервациите и продажбата на авиобилети се достапни на веб-страницата на GullivAir https://gullivair.com/ Летовите се закажани од денеска, 26.03.2022 година, секоја сабота и понеделник.

ТАВ Македонија ги заврши првите 2 месеца од 2022 година (јануари и февруари) со вкупно 215.227 патници, на двата македонски аеродрома, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, што претставува 107% пораст споредено со истиот период во 2021 година, додека споредено со 2019 година, којашто се смета за референтна година за воздухопловството, има пад од 29%.

OhridNews