Фудбалскиот клуб Реал Мадрид планира да изгради луксузно одморалиште во Обединетите Арапски Емирати, кое би требало да биде завршено до јануари 2015 година. “Real Madrid Resort Island” ќе се гради со поддршка на локалната влада, а целиот проект ќе чини околу милијарда долари. Ако се оди според планот, фудбалерите на кралскиот клуб за неколку години ќе можат да одмараат во луксузното одморалиште кое ќе го носи името на нивниот клуб. Одморалиштето би требало да содржи пристаниште, спортски терени, луксузни хотели и вили, забавен парк и музеј.

Посебна атракција треба да биде футуристичкиот стадион со капацитет од 10 илјади места, чија една страна ќе излегува на море. Претседателот на Реал, Флорентино Перез објаснил дека овој потег ќе го зајакне влијанието на клубот на Средниот исток и во Азија. Се разбира, освен фудбалерите, одморалиштето кое ќе се простира на 430 илјади квадратни метри ќе прима и околу милион други посетители. Замислата за вештачкиот остров ги воодушевила навивачите на клубот, но се чини дека на некој оваа идеја и не му се допаѓала премногу. Имено, менаџерот на клубот Жозе Мурињо за време на презентацијата изгледал нервозно и нерасположено.